Жељко Обрадовиќ од денеска и официјално повеќе не е тренер на Партизан, откако најтрофејниот европски стратег си поднесе оставка по серијата слаби игри и резултати во Евролигата што кулминираше со убедливиот пораз на гостувањето против Панатинаикос.
Информацијата први ја пренесоа српските медиуми, а ја потврди и КК Партизан, објавувајќи го прошталното писмо на Обрадовиќ кон навивачите.
„Пред четири и пол години се вратив во нашиот сакан клуб и тргнав заедно со вас да го живеам најубавиот сон. Имав желба и цел нашиот Партизан по десет години пак да биде дел од Евролигата, сите заедно успавме во тоа. За жал, сега дојде моментот кога морав да преземам одговорност за сите лоши работи кои се случија оваа сезона и да поднесам неотповиклива оставка. Сакам да им се заблагодарам на сите луѓе кои го помагаа клубот сите овие години, благодарен сум на сите играчи кои беа со нас, членовите на стручниот штаб и секако – голема благодарност до сите навивачи на Партизан. Ви благодарам за безрезервната поддршка, почитта и љубовта што ми ја дававте сите овие години. Секогаш еден од вас, вечно благодарен, Жељко Обрадовиќ“, се вели во писмото на големиот кошаркарски стратег.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

