Партизан остана единствениот тим со перфектен учинок во АБА лигата откако на домашен терен славеше против новајлијата Дубаи и тоа убедливо со 82-61.
Тимот предводен од Жељко Обрадовиќ овој пат беше на врвот на задачата во одбрана, но не и во нападот каде имаше 17 загубени топки, нешто што го потенцираше и искусниот стратег.
„Проблемите пред се беа во нападот, не ја препознававме промената на одбрана, игравме со две додавања повеќе. Имавме и огромен број на загубени топки дури 17 во однос на 15 асистенции. Требаше да имаме двојно повеќе асистенции. Проблемот е кога моите играчи кои не се креатори губат топки. Ќе разговараме за тоа. Одбранбено бевме на врв на задачата“, изјави Обрадовиќ.
Партизан блеска во АБА, но не и во Евролигата каде со учинок од само две победи и шест порази го очекува двојното коло во кое ќе се сретне со Барселона и Милано.
„Имаме скор 2-6, но можеби реално би требало да имаме 5-3, но тоа не е така за жал. Го гледав повторно натпреварот против Париз. Коректно игравме, имавме и шут за победа, потоа шут за изедначување, топка под кошот… Довербта спрема играчите постои. Нема причина зошто да говорам бајки, ова се реални работи. Тоа го правам цел живот и ќе продолжам да го правам“, додаде српскиот стратег.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА