Јан Весели со години наназад важи за еден од најдоминантните центри во Европа, но противниците знаеја дека најдобар начин да го запрат е со прекршок да го одведат на линијата за слободни фрлања. Во првата сезона кога се врати од НБА во Евролигата тој имаше катастрофални 49,5% успешност на реализација на „пенали“, а неговото издание на финалето од фајналфор турнирот во 2016 година, кога погоди само едно од дессетте упатени слободни фрлања, е запишано во историјата како најслаб процент на еден финален натпревар.
Ако сето ова се земе во предвид, делува неверојатно што само две години подоцна Весели важи за еден од најдобрите „пенал-мајстори“ во Европа, сезонава шутирајќи со 86,8% од оваа позиција во Евролигата, со само седум промашувања од вкупно 53 обиди.
Прашањето е што се промени – а одговорот Жељко Обрадовиќ. Српскиот стратег во едно интервју проговори за проблемот на чешкиот центар и за решението што тој му го понудил – апсолутна доверба.
„Тоа беше по она финале на Ф4, не веднаш, туку неколку дена по финалето. Му се јавив и му реков: Јан, слушни ме, не ми е гајле што шутираше 1/10, ти си играч што дава многу за овој тим и поради кого играме на високо ниво цела сезона, што воопшто стигнавме до финалето. Дури и да шутираш 0/20 ќе ми биде исто, бидејќи не е важно. Единственото нешто што е важно е да разбереш дека проблемот ти е психолошки. Знам дека имаш добар шут, се наоѓаш во добра форма, треба само да излезеш на терен и да шутираш како што знаеш, ништо повеќе“ – открива Обрадовиќ дел од разговорот.
„Мојот асистент Беркај Огуз работеше со Весели пред тоа финале и ми кажа дека во просек од 100 слободни фрлања погодувал од 91 до 93. Јасно беше дека проблемот беше психолошки“ – додава трофејниот стратег, кој секогаш знае како да го извлече најдоброто од своите играчи.
Самиот Весели признава дека токму тој разговор со Жељко Обрадовиќ придонел неговата форма во следните две години да се крене на едно уште повисоко ниво.
„Не ги подобрив само слободните фрлања. Сфатив колку тренерот ми веруваше, а во спортот нема поважна работа од тоа. Кога тренерот толку ќе ти верува, тоа е само мотив повеќе да играш уште подобро, и ште подобро. Напреднав како играч, бев пофокусиран… и да, тоа се одрази и на слободните фрлања“ – истакнува Весели.
Сето останато е историја, Фенербахче веќе во наредната сезона стигна до европската круна со Весели во тимот, а гигантот од Истанбул и моментно се наоѓа на првото место во Евролигата. Со чешкиот центар како моќно оружје во рекетот, но и од линијата за слободни фрлања.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА