Победата на Црвена Звезда од 2-1 против Партизан во најголемото српско дерби падна во втор план поради срамните сцени на трибините на популарната „Маракана“. Мечот беше во прекин неколку минути поради судирите на хулиганите од двете страни.
Притоа беа повредени и голем број недолжни лица кои се најдоа на Западната трибина, на која беа и родители со деца. Се огласи и очајна мајка чие детенце било погодено со столица, на мечот на кој било со својот татко, притоа завршувајќи на интервенција во болница…
„Сопругот го однесе детето да гледа натпревар на Западната трибина, која не припаѓа на ниту една од жестоките навивачки групи… А потоа настрада од столица со кои хулиганите се гаѓаа меѓусебно. Ќе добиете таква тужба што не сте ни свесни. Детето да ми оди на спортски натпревар, а да заврши во болница!? Зошто??? Срам да ви е, но нема ова да мине само така. Ќе ве прогонувам сите до пеколот и назад“ – е реакцијата на мајката и до раководството на Црвена Звезда како организатори на мечот и до хулиганите од двете навивачки групи.
А, дербито во Србија има и трето полувреме со заканите од дел навивачи на Партизан кон сопругата на голманот на Црвена Звезда и поранешна директорка на Партизан, Снежана Борјан на која и се заканиле дека ќе ја заколат. Сето тоа Борјан го пријавила во полиција, се обрати на државниот врв и на хулиганите испраќајќи им јасна порака…
„До кога насилството над жените ќе останува неказнето? Знаете ли колку силеџии ги убиле своите сопруги во последните години и колку жени се претепани? Ми се закануваат, ми покажуваат дека ќе ми го скинат вратот, ме навредуваат и мене и моето семејство. Мислите ли дека ќе ми забраните да дојдам на стадион? Не, јас и понатаму ќе доаѓам. А вие, мажишта, не ја спуштајте главата кога ќе видите посилен од себе“ – напиша Снежана Борјан на својот Инстаграм профил.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА