Очајна одбрана на Милан, еден час на Елмас како стартер во триумфот на Торино (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас одигра 60 минути како стартер во триумфот на Торино од 2-1 против Милан во 26. коло од италијанската Серија А.

Сосема заслужено Торино дојде до победата, нанесувајќи им го шестиот сезонски пораз на „росонерите“, и покрај тоа што факт е дека гостите сами си пресудија со грешките во одбраната.

Се почна со очајната реакција на Мајк Мењон и Малик Тиао, кои по едно големо недоразбирање ја затресоа сопствената мрежа и донесоа водство за Торино од 1-0. Голманот се обиде да расчисти, но го погоди својот дефанзивец и топката несреќно заврши во голот на Милан.

Кристијан Пулишиќ не реализираше пенал во 32. минута за Милан откако Вања Милинковиќ-Савиќ одлично го прочита неговиот удар.

Милан израмни во 74. минута, кога Тијани Рајндерс со силен удар донесе 1-1. Но, веќе во 76. минута Торино веднаш возврати со голот на Гвидас Гинеитис, кој воедно и ги постави конечните 2-1.

Торино сега има 31 бод и се искачи на единаесеттата позиција, додека Милан направи чекор назад во битката за пласман во Лигата на шампионите и останува на 41 бод, доволни за седмото место на табелата.

Се вчитува...