Јасно е дека се во играта на Аргентина се врти околу Лионел Меси, и тоа со години наназад, па кога противниците ќе успеат да го неутрализираат големиот ас, патот за успех против „гаучосите“ им е трасиран. Хрватите заслужуваат само пофалби за извонредниот настап, но мора да се истакне дека и самиот Меси им ја олесни работата со своето незалагање на теренот. Најдобриот аргентински фудбалер делуваше демотивирано, изолирано од остатокот на тимот, не успевајќи да ја преземе одговорноста што со себе ја носи лидерската улога, пред се на еден мундијал.
Најдобар доказ за тоа се бројките на „ИнСтат“, компанија што детално ги анализира статистичките податоци на сите фудбалери пооделно за време на натпреварите од СП 2018. Тој учествувал во вкупно 62 акции на својата селекција, при што 11 пати ја загубил топката. Меси вфо текот на целиот натпревар имал само 31 додавање до соиграчите, помалку од голманот Кабалјеро (36) и од тројцата дефанзивци. Тој имал само девет обиди за дриблинг (по еден на секои десет минути игра), повеќе од половина неуспешни, а упатил еден единствен шут кон голот на Суботиќ.
Најпоразителен е фактот дека Меси минал 84% од овој натпревар стоејќи на теренот. Севкупно направил 29 спринтови, од кои само еден над 25 километри на час. Тој истрчал 7,6 километри, повеќе само од Агуеро и Салвио, кои беа заменети и го спасија од „фенерот“ во оваа категорија. Само за споредба, аргентинските репрезентативци против Хрватска во просек истрчаа по 9,6 километри, два километри повеќе од бројката на Меси.
Со вакви бројки, јасно е дека дебаклот бил неизбежен. Светската фудбалска јавност е шокирана, а Аргентинците се погласно бараат – Меси, пензионирај се и не се враќај повеќе во репрезентацијта.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА