Очекувана победа на Вардар, достоен отпор на Металург

Ракометарите на Вардар очекувано славеа победа против Металург со 34-28 во првиот натпревар од новата сезона во регионалната СЕХА лига. Двете македонски екипи ја почнуваат сезоната во нов лик со значително  изменети состави во однос на лани и со нови тренери на  – Роберто Парондо на клупата на Вардар и Данило Брестовац кај Металург.

Вардарци ја имаа фаворитската улога во овој дуел, иако настапија со преполовен состав без повредените Стојанче Стоилов, Игор Карачиќ и Вуко Борозан и на крај резултатски тоа и го потврдија. Металург пак, на новиот младински погон во кој  капитен Филип Кузмановски на 22 години е највозрасен покрај Анте Токиќ, одговори достојно на предизвикот и во поголем дел достојно му парираше на многу поискусниот ривал.

Резултатот беше изедначен во првите 17 минути кога Халил Јагањац погоди за 10-10. Неколку избрзани потези и грепки во нападот на Металург, искусните вардарци знаеја да ја искористат, брзо нанижаа четири гола во серија и се одлепија на 14-10 на десет минути пред крај на првиот дел.Но, Брестовац успеа брзо да го консолидира својот тим иако на средината од првото полувреме остана без Мартин Велковски кој лошо доскокна, го повреди коленото и до крај не се врати на терен.

Со малку поагресивна игра во одбраната и со расположениот Мартин Томовски на голот, „металурзи“ ја намалија нефативата на 15-13 и останаа на таа дистанца и на крајот од првото полувреме (17-15).

Максимално борбено и агресивно, Металург го почна и вториот дел и за осум минути дојде до ново изедначување на 20-20 со шестиот погодок на Халил Јагањац. Налетот на младите сили на металург, Парондо се обиде да ги сопре со стариот проверен рецепт на вардарци, одбрана 5-1 со Тимур Дибиров напред. Но искусниот руски репрезентативец натпреварот го заврши на трибините откако доби црвен картон во 42 минута по некоректната реакција и „пресметката“ со Бојан Маџовски кој претходно го фаулираше Криштопанс. Целата мешаница на теренот заврши со двојно исклучување и црвен картон за Дибиров. Набрзо потоа две минити казна доби и Иван Чупиќ, но судиите го задржаа „балансот“ на терен откако и Марио Танкоски на другата страна принудно се пресели на клупата.

Вардарци сепак, искусно ја препродија ситуацијата и успеаја да се одлепат на 26-22 со погодокот на Шишкарев на стартот од последната четвртина и сигурно ја градеше предноста во завршниот дел од натпреварот. „Металурзи“ се обидуваа да држат чекор, но вардарци во финишот го засилија темпото и ефикасноста зголемија на 31-24 на осум минути пред крај и практично го обезбедија триумфот и првите бодови во новата сезона во СЕХА лигата.

Рожерио Мораеш со осум гола беше најефикасен во составот на Вардар, Дибиров заврши со пет, а по четири погодоци запишаа Даинис Криштопанс, Иван Чупиќ и Данил Шишкарев. Дејан Милосављев го заврши натпреварот со 12 одбрани. Кај Металург нападот го предводеше Халил Јагањац со максимални шест од шест, а Томилсав Јагуриносвки и Филип Кузмановски завршија со по четири погодоци. Мартин Томовски имаше вкупно девет одбрани на голот на Металург  од кои повечето ги запиша во првиот дел од мечот.

Во следното коло, Вардар на 4 септември во Скопје го пречекува Железничар, а Металург на 5 септември му гостува на Мешков Брест.

Се вчитува...