Од АП Брера велат ќе се борат, но Силекс оди по три бода во Струмица!

AП Брера го загуби последниот меч против Шкендија на домашен терен со 2-3, но прикажа допадлива игра и завидна ефикасност. Сепак, ќе мора да се намалат грешките во одбраната за да може тимот повторно да се надева на позитивни резултати.

Во Струмица денеска во 12. коло од ПМФЛ гостува Силекс, тим кој има големи амбиции во шампионатот, па тоа е уште еден мотив повеќе да се прикаже добра игра.

„Нашиот стил е да се надигруваме со сите. Одиме уште посилно и се надеваме на позитивен резултат“, порачуваат од таборот на AП Брера.

Последниот дуел меѓу овие две екипи во Кратово заврши со убедлив триумф на Силекс од 5-0. Ова треба да претставува и дополнителна инспирација за младите фудбалери на АП Брера, денеска во Струмица да биде сосема поинаку.

Но, и во таборот на Силекс оптимизам дека денеска со три бода од Струмица, ќе се вратат во Кратово. Тоа го очекува и дефанзивецот на кратовци, Ѓорѓе Џеков, кој денеска го игра натпреварот против својот поранешен клуб, со оглед дека младинските категории ги мина во АП Брера (во минатото Академија Пандев).

„Очекуваме да одиграме добар натпревар. Влегуваме во овој дуел со позитивни мисли и ќе се потрудиме да ги освоиме трите бода. Играме добро, динамично, и верувам дека веднаш ќе се вратиме на победничките патеки. Поразот од Вардар е веќе заборавен, сега сме максимално ориентирани само кон мечот со АП Брера. За мене овој натпревар ќе биде посебен, затоа што минав во противничкиот тим прекрасни 10 години, таму пораснав и се надоградував како играч. Сега сум фудбалер на Силекс, и се надевам дека денеска со добра игра ќе се вратиме во Кратово со три бода“, изјави Ѓорѓе Џеков.

Неговиот брат Љупче Џеков нема да биде на голот на денешниот меч поради црвениот картон кој го доби на натпреварот со Вардар.

Во пресрет на натпреварот кој е закажан за 13:30 часот, AП Брера се наоѓа на седмата позиција со 15 освоени бода, додека Силекс е на четвртата позиција и има 21 поен.

Се вчитува...