Реал Бетис верува дека е двојно оштетен на натпреварот против Барселона во шпанската Ла лига кој го загуби со 1-2.
Во натпреварот од 19. коло на Ла Лига кај Бетис, Барселона победи со 1-2 и со тоа се одвои на врвот на табелата на осум бода пред актуелниот шампион Реал. По натпреварот играчите, тренерот и навивачите на Бетис не престануваат да зборуваат за една ситуација, а тоа е првиот гол на Барселона кој го нарекуваат во најмала рака „спорен“.
Во 65. минута Барселона поведе со голот на Рафиња на асистенција на Балде. Френки де Јонг ја почна акцијата кон голот со додавање од слободен удар по прекршокот над Гави. Тој слободен удар „Марка“ и „Ас“ го нарекуваат „контроверзен“, а од Бетис се гневни на главниот судија.
„Му кажавме на судијата дека не го гледа очигледното. На акцијата на Барса и претходеше прекршок врз нашиот играч Аитор“, тврди играчот на Бетис, Хуанми.
За ситуацијата проговори и тренерот на Бетис, Мануел Пелегрини.
„Барселона изведе слободен удар на 20 метри од местото каде што беше направен фаулот“, прокоментира тој, сугерирајќи дека судијата во таа одлука му нанел двојна штета на неговиот клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

