Ракометарите на Еурофарм Пелистер в понеделник со гостинскиот меч против српска Војводина ќе го почнат настапот во новото издание на регионалната СЕХА лига.
Тренерот на „пелистерци“ Ларс Валтер вели дека Војводина не е воопшто лесен противник и ќе биде вистински предизвик за тимот кој се уште нема одиграно ниту еден меч во 2023 година.
„Тешко е да се подготват овие два натпревари, бидејќи немаме брзина во нозете. Практично ова ни се први натпревари годинава. Суси не е најподготвен, Велковски исто така, па двајцата ќе останат во Битола. Ќе патуваме со здравите ракометари и ќе видиме како ќе одиграме. Репрезентативците се вратија и изгледа дека ќе бидат спремни да играат. Но, ги немавме на тренинг во Битола и првпат ќе ги видиме на патувањето за Нови Сад. Не сакаме да ризикуваме со Суси, тој е многу важен ракометар за нас и ќе остане да работи во Битола. Изготвивме специјална програма за него и ќе работи со нашиот кондиционен тренер, Се надевам дека добро ќе му дојде оваа недела. Го гледав натпреварот меѓу Војводија и Нексе Нашице и можам да кажам дека Нексе не играше како што нормално игра. Војводина играше без репрезентативците, но цела зима се заедно и може да се види дека добро се познаваат, воиграни се и играат убаво. Имаат ритам на натпреварите и во тој поглед се еден чекор пред нас. Треба да играме минута по минута и да видиме што ќе направиме“, вели Валтер.
Слично размислува и голманот Марко Кизиќ…
„Дали натпреварите се прерано или навреме не би можел да ви кажам. Голем дел на тимот беше тука од старт на подготовките и имавме доста време да се подготвуваме. Добри ќе ни дојдат овие два натпревари, ни требаат квалитетни ривали за да го подигнеме ниво. Напорно ќе ни биде на три фронти оваа полусезона, но ќе мора да издржиме. Спремни сме, очекуваме да ни се приклучат уште неколку ракометари од повреди и одиме на победи. Војводина покажа дека игра квалитетен ракомет и донесе доста засилувања. Квалитетен тим е, заслужуваат почит. Сепак, ние веруваме во нас и патуваме во Нови Сад по победа. Нексе ни е познат противник, сме играле против нив и во Европската и во СЕХА лигата, Сезонава тимот им е малку изменет, но структурата им е иста“, смета Кизиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА