Александар Царчев е задолжен за работата со голманите во македонската репрезентација. Она што заедно со Раул Гонзалес го спроведува и носи резултат во Вардар, овој пат треба да се преслика и во македонската репрезентација и да профункционира на претстојното ЕП во Хрватска.
Во подготовките пред ЕП, во комбинација се четворица голмани –Борко Ристовски, Никола Митревски, Златко Даскаловски и најмладиот во четворката, Мартин Томовски.
Царчев истакнува дека е задоволен од формата и ангажманот, иако кај секого има по нешто што треба да се корегира во овој подготвителен период до почетокот на ЕП.
„Генерално имаме добар голмански „тим“. Никола Митревски е во извонредна форма, Златко Даскаловски е многу поподготвен отколку што беше пред квалификациите, Борко Ристовски е стандардно подготвен, но му треба уште малку за да влезе во вистински ритам. Со Мартин Томовски оди малку потешко, за жал тој беше болен, пропушти дел од тренинзите. Тој е млад и перспективен голман и штета е што не работи во континуитет. Физички е подготвен, но заостанува во техничкиот дел“ – сумира Александар Царчев по првите 5-6 дена од подготовките.
Фокусот во оваа фаза е на физичката, но и на психолошката подготовка на голманите, а потоа следува анализа на противниците и финализирање на деталите.
„Во овој период од подготивките со голманите работиме на четирите клучни точки – издржливост, агилност, експлозивност и поставеност. Освен физичката подготвеност, паралелно работиме и на оној мотивациски психолошки дел. Да нема притисок, но да има свест дека мора да се одбрани. Мора добро писхолошки да се подготвиме во тој дел. Борко е голем професионалец и со него нема проблем. Но, со другите треба уште да се поработи на овој сегмент. Следната фаза ќе бидеме повеќе фокусирани на видеата и на детална анализа на противниците што е еден од најбитните елементи во подготовката на голманите“ – истакнува Царчев.
Секој може да погреши, ама голманот ако погреши, паѓа гол и нема назад. Затоа е посебно важна максималната психо-физичка подготвеност на голманите, но и помошта од одбраната. Токму воспоставувањето на тој линк меѓу одбраната и голманот е еден од „специјалностите“ на Раул Гонзалес која како што вели Царчев треба добро да функционира и да донесе резултат и во репрезентацијата на Македонија.
„Ако нашите голмани на секој натпревар имаат над 30 проценти одбранети удари, ние може да направиме голем резултат. Се знае, голманот е последната пречка, сите можат да погрешат и некој друг да ги „покрие“, но голманот е сам. Ако погреши голманот, толку е, нема поправање, примаме гол. Филозофијата на Раул и во Вардар и во репрезентација е кога ќе има противникот шут да не биде „чист“ и одбраната да му ја олесни работата на голманот. Ако има добра одбрана, добар е и голманот и ако тоа функционира, се отвора шанса за контра напад и за гол. Македонија има добри одбранбени играчи, Ацо Јоноски и Велко Марковски се искусни играчи и може да завршат одлична работа во тој дел и во одбрана 5-1 и на 6-0. И тој систем може добро да функционира и да даде резултат во координација со голманите. Не мора да бидат 20-25 одбрани на секој натпревар, но пожелно е да бидат 15. Ако сакаме резултат, не смееме да паднеме под 12-13 одбрани на натпревар“ – ја поставува „нормата“ тренерот на голманите во македонската репрезентација.
Македонија на ЕП во Хрватска во првата фаза ја очекуваат дуелите со Словенија, Црна Гора и со Германија. Според Царчев, првиот и последниот дуел во групата ќе бидат најтежок, но и најголем предизвик за македонската репрезентација и посебно за голманите.
„Од голмански аспект, ќе биде тешко и против Словенија и против Германија. И двете репрезентации играат брз ракомет и имаат извонредни шутери. Но, мислам дека може да се справиме ако направиме добра анализа. За секој голман е најважно на противничкиот играч од старт да му го фати основниот шут. Тоа е она голманско правило. Ако успее потоа се оди многу полесно, ако не, е тогаш е малку потешка работата“ – вели Царчев.
Позитивната енергија и оптимизмот што владее меѓу „црвено-жолтите“ пред настапот во Хрватска, посебно е присутна меѓу „чуварите на мрежата“. Како поранешен голман кој своевремено во играчките денови, немаше среќа да настапи со Македонија на ЕП, Царчев тоа ќе успее да го резлизира како тренер. И оптимистички очекува „македонски бум“ во Загреб.
„Јас сум оптимист. Имаме прекрасна репрезентација, спој на младост и искуство. Младите веќе добиваат солидна минутажа во клубовите, веќе имаат искуство и во репрезентативните настапи и сега е „глазурата“ на Раул од тие деца да извади максимум и да бидеме едно големо изненадување на ЕП во Хрватска“ – оптимистички најавува Александар Царчев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА