Од лошо, полошо за ТФТ: Убедлив пораз од Горица и повреда на Мекбрајер

ТФТ нема по добро да го памети првиот натпревар на последниот АБА2 „балон“ во сезоната. Десеткуваниот скопски состав отпатува во Широки Бријег со големи проблеми во ротацијата по повредите на Хогтон, Андерсон и Симоновски па не можеше да избегне убедлив пораз од Горица (83-64), а притоа остана и без бекот Мекбрајер кој се повреди при крајот на третата четвртина.

„Црно-белите“ добро го започнаа натпреварот и благодарение на петте погодени обиди за три поени во првата четвртина стекнаа предност од 21-23, но шестте изгубени топки до крајот на првото полувреме скапо го чинеа составот на Смилковски. Хрватскиот тим притоа беше и на врвот на задачата во одбрана, опадна и реализацијата на македонскиот претставник па на полувремето на семафорот стореше резултат 50-32.

Горица продолжи да го диктира темпото и во второто полувреме, добриот проток на топката носеше лесни поени за Хрватите па „црвено-црните“ немаа проблем да ја задржат предноста. На две минути пред крајот на четвртината се случи и најлошото сценарио за ТФТ. При влез зглобот го повреди Мекбрајер, а Американецот мораше со помош да биде изнесен во соблекувалната и не се врати на паркетот до самиот крај.

Во последната четвртина ТФТ со зонската одбрана успеа да го наруши ритамот на Горица за намалување на негативата, на крилја ја Костоски и реализацијата за три поени македонскиот тим стигна до 76-62, но немаше сили за неизвесна завршница.

Со 14 поени и 6 скока Батрик беше лидер на ТФТ, а него го следеа Костоски со 12 поени и 4 скока, Ташовски со 11 поени и Николов со 10 поени и 5 скока. Цинац беше лидер на Горица со 19 поени.

Се вчитува...