Луис Енрике се наоѓа пред заминување од клупата на шпанската репрезентација откако беше обелоденето дека тој денеска нема да се појави во „куќата на фудбалот“ на оваа земја за да го соопшти списокот за претстојните квалификациски средби со Фарските Острови и со Шведска. Енрике го напушти таборот на „црвената фурија“ непосредно пред мечот со Малта во месец март, а информациите од Шпанија велат дека тој оттогаш воопшто се нема појавено во Фудбалската Федерација.
Последниот контакт меѓу Енрике и луѓето од федерацијата беше на 27 април, кога претседателот Рубиалес лично го посети селекторот во неговиот дом во Барселона. Тогаш Рубиалес најави дека е подготвен да го чека трофејниот стратег да ја надмине семејната криза (за која никој се уште не открива никаков детал), но се очекуваше Енрике да биде подготвен да ја води Шпанија на следните квалификациски средби.
Неговото тотално отсуство, надополнето со денешното недоаѓање на прес-конференцијата за списокот за овие дуели, е причина уште погласни да станат гласините дека ситуацијата е крајно сериозна. Неофицијално, поради тоа Енрике планира самиот да се повлече од функцијата бидејќи чувствува дека не може целосно да се фокусира на работата во период на огромни проблеми на семеен план.
На денешната прес-конференција пред новинарите ќе се појави Роберт Морено, кој ја водеше националната селекција на дуелот со Малта.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА