Македонскиот фудбал, иако малку познато за домашната спортска јавност, очигледно има свои идеи кои веќе на голема врата преку новите правила на фудбалската игра се имплементираат од страна на ФИФА и УЕФА. Зад нив стои долгогодишниот фудбалски работник Драган Томовски кој на денешната прес-конференција во Скопје информираше дека неговите идеи од пред две декади, заштитени преку наградениот патент од 2001 година, сега постепено стануваат дел од правилата на фудбалската игра во светот.
„Повод за оваа моја средба беше, меѓу другото, и информацијата на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино од пред неколку месеци за серија промени во судиските правила меѓу кои и моментите на дигитализирање на сите случувања на терен но и одлуката судиите во иднина да ги објаснуваат преку микрофон пред навивачите присутни на стадионите и пред телевизискиот аудиториум одредените понејасни одлуки за време на фудбалската игра. Сето тоа е запишано, предвидено и дадено до ФИФА уште во 2001 година во мојот патент, и во овој момент иако претходно не сакав воопшто тоа да се експонира навистина ми е драго што идеи на некој од Македонија сега се вметнуваат како нови правила во светски рамки. Што би се рекло, може да се каже дека ете сме можеби 20-30 години во размислувањата за освежување на фудбалската игра пред нив“ – ја започна Томовски средбата со медиумите која предизвика и регионален интерес со присуство на екипи од српската спортска телевизија „Спортклуб“ и регионалната „Ал Џезеира“.
Меѓутоа, покрај освртот за веќе имплементираните нови правила, поранешниот директор на Вардар, потенцираше дека главната причина за денешната презентација е неговиот новодоставен патент до ФИФА, до канцеларијата на ИФАБ, како и директно до директорот за иновации при УЕФА, Звонимир Бобан, кој нуди решение за еден од најгорливите проблеми на фудбалската игра за кој досега не се пронајде инструмент како решение а тоа оддолговлекувања на времето, симулирање или популарно наречено „крадење време“.
„И покрај серија промени на правилата изминативе декади, веројатно најголем проблем е што не се најде модус, начин, модел играта да се заштити во делот на оддолговлекувања, симулирање или популарно наречено „крадење на време“. Сведоци сме веќе на играчи кои седнуваат на теренот (некогаш без причина), превиткувања и без удар од противникот што реално не може да се санкционира. Ова носи до намалување на темпото на игра, создавање нервоза кај фудбалерите, тренерите, гледачите, што некогаш води кон ексцеси. Значи во овој момент, во Правилата на фудбалската игра, не постои инструмент кој ова би го решил. Ваквите ситуации, според досегашните правила, предизвикуваат и недоверба кон судијата на натпреварот поврзана со неговото определување на време за продолжение, но и неговата одлуката за моментот на крај на мечот. Повеќе ситуации укажуваат на неправди и нееднаков критериум кон една од екипите, и покрај тоа што се согласно постоечките правила на фудбалската игра. Има бројни примери на фудбалските натпревари на кои еден тим е оштетен поради симулирање и постојани прекини на играта од страна на другите, или на примери на свирење крај од страна на судијата среде офанзивни акции кои се во тек, а поради наводно завршено време. Но, никој тоа време не го мери точно, што е оставено само на волја на судијата“ – истакна Томовски.
А, решението е…
„Моето предлог решение кое веќе е доставено до ФИФА и УЕФА е – САМО СУДИСКОТО ПРОДОЛЖЕНИЕ НА КРАЈОТ НА НАТПРЕВАРОТ ДА СЕ ИГРА СО ЕФЕКТИВНО ВРЕМЕ. Да се мери со хронометар само активна игра во судиското продолжение! Ефектите од ваква промена можат да ги проценат само исклучително стручни и искусни лица кои ја познаваат „технологијата“ и филозофијата на фудбалската игра. Меѓутоа, мора да се знае дека ова решение се темели и на официјалните статистички мерења кои покажуваат дека (согласно показателите од Топ 5 лигите во Европа), во регуларниот дел од мечевите се игра ефективно само околу 50% од вкупното време. Токму затоа, екипите повеќе нема да размислуваат на симулирање во регуларниот дел затоа што ќе знаат дека тоа време ќе им се надополни двојно во судиското продолжение. Притоа, зошто само судиското продолжение на крајот од натпреварот да се игра со ефективно време? Затоа што ефективно време во продолжението на првото полувреме е апсолутно непотребно, бидејќи и статистички погледнато во 99% од натпреварите нема симулирање и задржување на игра во овој дел од еден меч. За ова, впрочем, нема никаков практичен мотив. Од друга страна, апсолутно сум против воведување на ефективно мерење време во тек на целиот натпревар бидејќи тоа дефинитивно би ја „убило“ душата на фудбалот“.
Според Томовски со едно вакво решение би се добиле серија бенефити за фудбалската игра.
„Да, ќе се добијат повеќе придобивки за фудбалот, меѓу кои секако главни се: Престанок на симулирања и „крадење време“ во регуларниот дел на натпреварот. Образложение: тренерите, посебно поквалитетните и поинтелигентните, веќе нема да бидат мотивирани да бараат играчите да симулираат, затоа што на тој начин „украденото“ време во продолжението ќе мора речиси двојно да го одиграат (податок од извршени мерења за ефективна игра) со што сами себе на тој начин би се казнувале; – Престанок на симулирања и сите видови „крадење време“ во судиското продолжение; – Поголема доверба кон судијата, со оглед на тоа дека тој нема да го одредува крајот на натпреварот туку времето транспарентно би се следело на семафорот; – Поголема спектакуларност на завршетокот на натпреварот со поголеми возбудувања кај гледачите кои ќе го следат времето на семафорите; – Позитивна промена на пристапот кон играта од страна на играчите и тренерите, кога ќе имаат точен увид во преостанатото време за игра; – Позитивно влијание на односот на играчите, посебно во делот на фер плејот, итн“ – истакна Драган Томовски, притоа дополнувајќи:
„Со едно вакво решени дефинитивно би завршило времето на симулирање и останати видови ‘крадење време’ во целиот тек на натпреварот, а клубовите, играчите и публиката со поголема доверба ќе гледаат на судиите и судењето, а ако времето на крај се мери на семафорот прецизно ќе има далеку поатрактивни завршници. Секако, за спроведување на ова ново правило, клучно ќе биде воспоставување на квалитетен и праведен систем и критериуми за начинот на определување одлука на судијата за времетраењето на продолжувањето“ – вели Томовски.
Драган Томовски, покрај тоа што идејата веќе ја доставил до ФИФА и УЕФА, на оваа тема, како што информираше, имал и средби и анализи со домашни фудбалски авторитети. Поддршка за неговите патенти доби и од македонскиот фудбалер на векот, Дарко Панчев, поранешниот селектор Ѓоко Хаџиевски, еден од најдобрите голгетери на македонскиот фудбал на сите времиња Саша Ќириќ, како и доајенот на македонското спортско новинарство Атанас Костовски кои, преку видео обраќања, нагласија дека ‘наведената револуција во фудбалот која се предлага, со решавање на еден од неговите најгорливи проблеми, ќе има несогледливи позитивни ефекти во сите сегменти на состојбите и развојот на светскиот фудбал’.
На средбата беа презентирани и размислувања како да се надминат појавени проблеми и со фер-плејот во фудбалската игра, како и дали е доволна казната од „само два или три меча суспензија“ за фудбалери кои нанесуваат со намерни стартови тешки повреди на противнички фудбалери кои потоа паузираат од фудбалските терени најмалку по шест месеци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА