ОД МОЈ АГОЛ – Горан Ѓоргоноски: Во тактиката „7 на 6“, Раул надигран од Червар

Во желбата за што поголемо доближување до играта на ракометната репрезентација, ЕКИПА преку стручните анализа на поранешни македонски репрезентативци ќе се обиде од еден посебен агол да ги издвои квалитетите и недостатоците, предностите и мааните во однос на противниците, очекувањата од овој национален тим. Натпреварот против Хрватска за Вас го анализира Горан Ѓоргоноски…

=====================================================================================================

По две сигурни победи против, реално, две послаборангирани репрезентации, Македонија го имаше првиот испит на оваа група играчи, овој спој на младост и искуство спроти „коцкестите“ на нас добро познатиот Лино Червар.

Натпревар кој веднаш по самата ждрепка беше тој кој го одвлекуваше вниманието на ракометната публика во двете земји, дуел во кој свои ролји имаат многу ликови на кои во минатото им се испреплетуваа кариерите и до некоја мерка си ја „знаат силата“. Едноставно, ова беше тактичка војна која навистина ретко се гледа во модерниот ракомет. Раул против Червар.

Македонија уште од самиот старт ги отвори сите свои адути. Раул во „два правци“ (напад со 7-6 и одбранбена зона 5-1 со Кузмановски како „индијанец“)  внесе тактичка поставеност која ја воигруваше во периодот пред самиот Мундијал и која очигледно во нападот беше изненадување за Лино Червар, кој пак од друга страна стартуваше со зона 5-1 (нетипично кога противникот игра 7-6) со Домагој Дувњак како преден играч и играч кој треба да го оневозможи протокот на топка и да ја оневозможат играта на нашите момци.

Следејќи ги првите неколку напади на нашиот национален тим, Раул го надмудри Червар, а Македонија континуирано доаѓаше до „зицер“ позиции кои делумно ги реализираше. Од друга страна, нашата 5-1 зона функционираше на солидно ниво иако голманот на Хрватите беше за нијанса поуспешен од нашиот Борко Ристовски, а и резултатот го покажуваше тоа. Во 13 минута семафорот покажуваше 5-4.

Во тој период стариот лисец, Лино Червар, повлече потези кои го одлучија мечот и кои за брзо обезбедија разлика во корист на Хрватите, иако до самиот крај разликата се движеше до пристојни 3-5 гола разлика. Во напад и тој постави игра 7 на 6, додека во одбрана ја врати зоната на 6-0 и на тој начин ја згусна, недозволувајќи многу простор за нашите играчи да дојдат до изградени позиции. Па така, до крајот на полувремето Манасков во неколку наврати шутираше од неизградени позиции, а и останатите наши репрезентативци, особено бековите немаа простор и капацитет да ја отворат зоната и да користат ситуација на играч повеќе во зоната.

Вториот дел и двете селекции го одиграа со идентична тактичка поставеност и иако Македонија на неколку наврати доаѓаше до можност да има напад и ситуација за -2 сепак мора да бидеме реални дека во моментов Хрватите имаат повеќе играчи кои можат да ја „испратат“ секоја тактичка замисла на селекторот. Забелешка може да се стави на тоа што Раул не се обиде да промени ама баш ништо во играта оставајќи ја играта да тече под инерција надевајќи се на чудо без никаква основа. Вечерва после подолго време за националниот тим на „коцкестите“ Домагој Дувњак имаше полна миунутажа и потсети на времето кога беше број 1 ракометар на светот. Надополнет со извонредниот Шего на голот и очекувано за напад 7-6, разиграни пивоти и многу реализирани ситуации од таа позиција која пред Мундијалот беше окарактеризирана како дефицитарна.

За крај, останува впечатокот дека македонскиот национален тим создаде многу „зицер“ позиции од кои голем дел не реализираше но и покажа дека во одредени сегменти е доста ограничен и без голем број на играчи кои реално можат да помогнат во ситуација кога оние стартерите не одговориле на задачата на „ел команданте“. А за „војна“ со големите селекции и освојување бодови или елиминација на истите ќе ни треба и 120% од моменталните можности на секој поединец. Шпанија е следна и многу е тешко да се биде паметен и рационален во насока на тоа како да се одигра тактички. Искуствата од минатотото се непријатни и од тоа треба да се влечат поуки.

п.с. Македонија е на големата смотра и сите треба да уживаме и да го бодриме „нашето најдобро“ од ракометот.

.

Се вчитува...