Пелистер и Работнички од 14 часот на стадионот „Атина Бојаџи“ во Охрид во можеби еден од одлучувачките натпревари во битката за европски излез сезонава.
Во моментов Пелистер е со три бода предност на табелата пред Работнички на третата позиција, па дербито од 22. коло дефинитивно може во голема мера да го посочи патот по кој понатака ќе се движат двете екипи во битката за Европа.
Баже Илијоски е најдобриот фудбалер на Пелистер во моментов, играчот кој своите најславни фудбалски денови ги мина токму во Работнички.
„Тоа е мој клуб, многу години од кариерата ги минав во клубот од Дебар Маало, но тоа не значи и дека овојпат нема да го дадам својот максимум во дресот на Пелистер. Очекувам тежок и неизвесен натпревар, вистинска пресметка за третата позиција, а ние секако ги посакуваме трите бода. Мала пречка ќе биде лошиот терен на стадионот во Охрид, но, сепак, ќе се трудиме да одиграме најдобро што можеме. Работнички е одличен тим, најголем дел од фудбалерите ги знам како дишат. И навистина се многу квалитетни, можат да одиграат перфектно доколку имаат свој ден. Сега во одбраната се засилени и со репрезентативецот Ванче Шиков, и тоа сигурно им дава дополнителна цврстина. Верувам дека и двете екипи ќе одиграат добар натпревар, а на крајот Пелистер ќе победи“ – вели напаѓачот на Пелистер.
Но, од друга страна, капитенот на „романтичарите“, Душко Трајчевски смета дека е време за прв триумф на Работнички во дуелите со битолскиот прволигаш оваа сезона.
„Се надеваме на трета среќа во дуелите со Пелистер. На првото гостување загубивме убедливо (3-0), а на вториот меч на „Телеком Арена“ (0-1) навистина немавме среќа. Не реализиравме пенал и пропуштивме неколку изгледни шанси, а потоа Пелистер не казни со погодок во финишот. Сега се надеваме дека фортуната ќе биде на наша страна. Подготвени сме и веруваме во успех. Пелистер го почитуваме максимално, оваа сезона се наметна како една од екипите што тешко прима голови и бележи одлични резултати. Сепак, сметам дека Работнички има капацитет за да слави на дуелот со битолскиот прволигаш во Охрид. Тие се фаворити, но ако одиграме квалитетно, можеме да ги освоиме трите бода“ – порачува Трајчевски пред денешната пресметка.
ПМФЛ – 22. КОЛО (денеска, 14 часот)
Скопје: ВАРДАР – БРЕГАЛНИЦА
Тетово: ШКЕНДИЈА – ПОБЕДА
Кратово: СИЛЕКС – МАКЕДОНИЈА ЃП
Скопје: ШКУПИ – РЕНОВА
Охрид: ПЕЛИСТЕР – РАБОТНИЧКИ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА