Барселона за прв пат по 2000 година не успеа да ја помине групната фаза во Лигата на Шампионите откако заврши на третата позиција во групата „Е“ зад Баерн Минхен и Бенфика. Со тоа каталонскиот гигант доживеа фудбалски срам, но проблемите се продлабочија бидејќи истото значи и дополнителен финански дебалк врз оној кој го создаде пандемијата на коронавирусот.
Каталонците кои пред неколку месеци објавија дека финансиската година 2020/21 ја завршуваат со загуба од 481 милион евра, за новата сезона во својот буџет предвидоа четвртфинале во ЛШ, а неуспехот да се приближат до целта ќе значи и загуба на 20.2 милиони евра. Истото значи и помал буџет за нови засилувања во зимскиот преоден рок па јасно е дека Барселона влегува од проблем во проблем.
Единствената утеха за Барса би било освојувањето на Лига Европа со што каталонците би заработиле 14.9 милиони евра и наведениот минус од планираниот буџет би спаднал на 5.3 милиони евра. Но, мора и да се напомене и фактот дека натпреварите од нокаут-фазата во ЛШ носат значајно повисоки приходи од спонзори и телевизиски права отколку освојување на второто по ранг европско фудбалско натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА