Холанѓаните викендов дојдоа до првите бодови во вториот круг на Европското првенство во ракомет. И тие, како и другите селекции беа „нападнати“ од коронавирусот, па така останаа без неколку играчи.
Јунак во победата над Црна Гора е голманот Тијс ван Леувен кој имаше дури 14 одбрани. И не е тука ништо необично ако се има во предвид дека ван Леувен 36 часа пред мечот бил на работа. Да, тој не е професионален ракометар, туку овој спорт го тренира аматерски во белгискиот клуб Спортинг-Пелт. Тој е медицински дизајнер на имплатанти на черепот.
„Во петокот бев на работа кога ми се јавија од рерпезентацијата да прашаат дали сум слободен. Дојдов во Будимпешта, имам и свој лаптоп со мене за да бидам во тек со работите во компанијата“, изјави после натпреварот Ван Леувен.
Двајцата најдобри холандски голмани Равенсбергер и Шелекенс беа позитивни на редовните тестирања, па потоа се воспостави дека и третиот голман е позитивен, па мораше да се бара решение.
Ван Леувен веднаш седнал во првиот авион и се приклучил на селекцијата, а потоа е историја. Собра 14 одбрани, беше најзаслужен за победата на Холандија, чија бајка на ова ЕП и натаму трае.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА