Тренерот на Севилја, Хосе Луис Мендилибар застана во одбрана на Немања Гудељ, кој го промаши клучниот пенал за пораз во пенал-рулетот од Манчестер сити во Суперкупот на Европа, а обвини еден друг свој фудбалер кој го оставил на цедило тимот.
Мендилибар на прес-конференцијата по мечот откри дека имало фудбалери кои немале храброст да шутираат пенали, а Гудељ без размислување, пак, иако не бил прва опција за изведување на петиот пенал го прифатил тоа.
Во 93. минута, Мендилибар во игра ги внесе Рафа Мир и Сусо за да шутираат во пенал-серијата. Мир беше сигурен во втората серија, а Сусо одбил да шутира што го изненадило тренерот на шпанскиот тим.
„Погрешив што го извадив Ламела од игра. Да останеше на теренот, тој сигурно ќе шутираше пенал. Мислев дека играчите кои влегоа во последните моменти ќе бидат многу посвежи и дека без проблем ќе шутираат пенал, но не било така. Да знаев што ќе направи, никогаш немаше да го внесам во игра“ – истакна Мендилибар, кој потврди на новинарското прашање потоа дека зборува за Сусо.
Сусо пристигна во Севилја од редовите на Милан за сума од 22 милиони евра. Иако има договор до јуни 2025 година, по синоќешното одбивање да шутира пенал се шпекулира дека наскоро можно е да си замине од шпанскиот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

