МЗТ Скопје не успеа да ја прекине серијата од осум порази по ред откако ФМП во последните минута од средбата обезбеди победа преку пресврт со резултат од 72-67 . Иако МЗТ ја имаше контролата на мечот во поголемиот дел од средбата, потфрлија во круцијални моменти и наместо да се реваншираат на ФМП за големиот пораз во Белград, „металци“ ја разочараа својата публика.
„Металци“ уште на стартот од средбата наидоа на проблеми откако Бојан Трајковски направи две лични грешки за две минути, па МЗТ во остатокот од периодот мораше да игра без еден од најефикасните кошаркари во својот состав. Четвртината припадна на гостите од Србија со минимални 19-18, резултат кој ветуваше неизвесна пресметка во продолжението. Во втората делница македонскиот првак значително се подобри во одбраната, па со мини – серија од 6-0 ја презедоа контролата врз топката. Од 7. минута од вториот период ФМП не можеше да го најде патот до кошот преку активна игра, па до поени стигнуваа преку слободни фрлања. МЗТ успеа да ги задржи гостите на само 11 поеним па на паузата заминаа со предност од 39-30.
Иако МЗТ оствари двоцифрена предност во првите три минути од второто полувреме, за брзо време се српската екипа успеа да направи серија од 10-0 и да го изедначи резултатот (43-43). „Металци“ одново имаа проблеми со фаулите откако Стојановски мораше да седне на клупа поради неговата четврта лична грешка, па остатокот од периодот МЗТ го играше без својот капитен. Во последната минута ипол од третиот период Мавра реши сам да ја врати предноста на својата екипа, па неговите пет поени значеа дека МЗТ во последната четвртина одново ќе има минимална предност која ќе мора да ја брани до последен момент.
Расположениот Мавра продолжи да прави проблеми на одбраната на МФП, практично сам го одржуваше водството на тимот од „Јане Сандански“. Стојановски одмори речиси 10 минути поради проблемот со личните грешки, но неговото враќање на теренот го најави со тројка по која МЗТ имаше осум поени предност на пет минути до крајот (64-56). Во моменти кога можеше да се реши победникот, МЗТ пропушта две шанси одново да направи двоцирена предност, но наместо тоа ФМП возврати со две тројки во два напади, па мечот одново стана неизвесен. Лукајиќ беше приморан да повика тајмаут на само една ипол минута до крајот на средбата откако предноста од +8 се намали на +1 за МЗТ (66-65). „Металци“ сепак во најважните моменти не успеаја да го сочуваат водството па ФМП на крајот замина со целиот плен.
Доминик Мавра се истакна како најефикасен за „штрковите“ со 20 поени четири асистенции и две украдени топки, додека Трајковски и Стојановски додадоа 14, односно 13 поени. За гостинскиот состав Филип Човиќ беше најрапосложениот кошаркар на паркетот со 16 поени, Раданов додаде 14 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА