Управниот Одбор на Кошаркарската федерација на С. Македонија, на денешната своја седница, меѓу другото, и официјално го именуваше Марјан Илиевски за нов селектор на машката сениорска репрезентација.
Меѓу најважните одлуки од денешната седница сигурно е и онаа според која од натпреварувачката сезона 2025/2026 во текот на целиот натпревар на терен ќе мора да бидат присутни двајца домашни играчи. Правилото ќе важи од почетокот на натпреварувачката сезона до Суперлигата.
Претседателот на КФСМ, Томе Главчев, појасни дека на истиот состанок со екипите учеснички во ПЛМ донесен е предлог (на иницијатива на МЗТ Скопје Аеродром ад). За дваесетина дена е најавен нов состанок на кој ќе се разгледува опцијата за формирање на лига во која ќе играат играчи од 20 – 23 години.

Потврдена е и одлуката од натпреварувачка сезона 2025/2026 да испаднат три екипи од Првата лига, една екипа од Втората лига да обезбеди промоција во Првата лига. Пред одржување на државниот Куп „Благоја Георгиевски – Буштур 2026“ да се одржи состанок со прволигашите да се разговара за понатамошно намалување на осум екипи.
Покрај тоа беа донесени и одлуки за кооптирање на Аднан Шариќ како член на Управен одбор на КФСМ, како и намалување на бројот на екипи-учеснички во Првата лига – мажи на 10 екипи, за натпреварувачка сезона 2026/2027.
Управниот одбор разреши и именуваше на нов состав на Комисија за итност, како и на Арбитражна комисија на КФСМ, на Регистрациска комисија на КФСМ, на Дисциплинска комисија, на Тренерска комисија, на Судиска комисија, на комисијата за проверка на спортски сали, како и комисијата за разгледување документи од Спортска академија.

Согласно забелешките на членовите на Управниот Одбор беше постигнат консензус да се формира уште една комисија која ќе ги разгледува документите на апликантите односно степенот на исполнување на критериуми согласно објавениот конкурс. Комисијата да ги претстави забелешките на верификација пред УО.
Во Здравствената Комисија не е забележана промена на членови, поради што нема разрешување и именување на нови членови, а беше именуван и состав на Комисија за меѓународна соработка. Претседателот на КФСМ, Томе Главчев, потенцира дека на Федерацијата и е потребна ваква комисија која допрва ќе биде формирана и предложена пред членовите на Управниот одбор.
Љупчо Павловски, претставникот на ПЛЖ, побара од раководството на Федерацијата поголема ангажираност за женската кошарка, на што доби одговор дека веќе се работи на големи проект во таа сфера кои дополнително ќе им бидат презентирани на членовите на прволигашките екипи во женска сениорска конкуренција.

Генералниот секретар, Томче Стојчевски, потенцира дека се работи и на финансиски фер-плеј помеѓу машката и женската кошарка, како и создавање услови за лиценци за натпреварување кои ќе бидат презентирани на наредната седница.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

