Од стара слава не се живее: Лев, оди си… и земи ги овие тројца со тебе…

Челниците на Германската Фудбалска Федерација по мундијалското фијаско решија да го задржат Јоаким Лев на клупата… и сега сигурно жалат за таквата одлука. Имено, стратегот што пред четири години им ја донесе светската круна на Германците сега делува безидејно, па по дебаклот во Русија „панцерите“ сега имаат и очаен старт во Лигата на нации, каде по ремито со Франција синоќа загубија од Холандија со 3-0.

Поголем проблем од очајните резултати е уште поочајната игра, особено бидејќи станува очигледно дека Лев нема решение за неа. Впрочем, тој синоќа се реши за експеримент, ставајќи го во нападот Марк Ут, играчот кој нема ниту еден единствен настап за Шалке сезонава, но беше стартер во Амстердам, и како што сигурно претпоставувате – воопшто не се прослави.

„Од стара слава не се живее… Лев, оди си…“ – се само дел од насловите во германските медими, а јавноста покрај селекторот вината ја бара и кај дел од фудбалерите.

„Со себе земи ги и овие тројца“ – пишуваат Германците, порачувајќии дека е време репрезентативните кариери да ги завршат Хумелс, Боатенг и Милер. Тројцата беа меѓу најзаслужните за триумфот пред четири години во Бразил, но како што порачуваат медиумите – од стара слава не се живее, а тројцата дефинитивно беа меѓу најслабите и за време на СП во Русија.

На потег се повторно челниците на федерацијата, добро да размислат и да пресечат, дали да влезат со Лев како селектор и во квалификациите за ЕВРО 2020 или најдоцна до крајот на годинава да се разделат од овој стратег и да именуваат негов наследник.

Се вчитува...