За прв пат во историјата на Вимблдон, во машка и женска конкуренција, до трофеите на најголемиот грандслем турнир дојдоа тенисери кои претходно беа суспендирани поради употреба на забранети супстанци.
Иако властите прифатија дека случаите се резултат на ненамерна контаминација со дрога, реакциите во тенискиот свет беа поделени по триумфот на Јаник Синер и Ига Швионтек во Лондон минатата недела.
Австралиецот Ник Кирјос, познат по својот остар јазик, рече дека „не изгледа добро за спортот“ што двајцата тенисери број еден во светот беа вмешани во скандали со допинг. Неговата објава на социјалните мрежи по победата на Синер дополнително ги разгоре сомнежите, анализира престижниот Би-Би-Си.
Синер и Швјонтек, сепак, нагласија колку многу им значат нивните триумфи токму поради тоа низ што се поминале.
„Поминавме низ исклучително стресен период, а само мојот тим знае низ што навистина поминував“, изјави Синер за Би-Би-Си.
Швјонтек, од друга страна, рече дека медиумските написи за неа се „непријатни“ и дека таа сака да и биде дозволено да си ја работи работата.
Што направија Швјонтек и Синер?
Во август 2024 година, Ига Швјонтек не успеа на допинг тест поради присуство на триметазидин (ТМЗ), лек за срце кој ја подобрува издржливоста. Меѓународната агенција за интегритет на тенисот (ИТИА) утврди дека причината е контаминација од нерегулиран лек за спиење од Полска. Суспензијата траеше еден месец.
Јаник Синер двапати беше позитивен на мали количини на клостебол, анаболичен стероид, во март истата година. Независен трибунал го ослободи, тврдејќи дека контаминацијата е предизвикана од неговиот физиотерапевт кој користел спреј за рани. Сепак, Светската антидопинг агенција (ВАДА) не беше задоволна од пресудата и побара казна, но во февруари беше постигнат договор.
Италијанецот отслужи тримесечна казна – без да пропушти ниту еден Грендслем.
Серена, Новак, Халеп, Вавринка реагираа…
Голем број тениски легенди и активни играчи изразија загриженост. Серена Вилијамс рече дека „ќе беше суспендирана 20 години“ доколку истото и се случеше, додека Новак Ѓоковиќ рече дека „повеќето играчи не сметаат дека системот е фер“.
„Како можете да влијаете на исходот ако сте врвен играч и имате пристап до најдобрите адвокати“, рече Србинот.
Симона Халеп и Стен Вавринка дополнително укажаа на недостатокот на транспарентност и можноста за различен третман за ѕвездите и другите играчи.
ITIA и WADA ги отфрлија тврдењата за привилегија и го истакнаа зголемувањето на бројот на допинг тестови, како и напорите за едукација на спортистите.
Од суспензии поради допинг до титули на Вимблдон – како стигнавме до тука?

И покрај контроверзноста, публиката на Вимблдон не покажа голем интерес за приказната во позадина – вниманието беше главно насочено кон импресивните настапи на двајцата шампиони. Многумина веруваат дека тенисот сè уште има имиџ на „чист“ спорт, особено во споредба со атлетиката и велосипедизмот.
Сепак, како што предупредува експертот за односи со јавноста Тим Џотиски, „правилата мора да бидат јасни и конзистентни, без оглед на популарноста на играчот“.
Ако сака да го задржи својот кредибилитет, тенисот не смее да ги игнорира пораките на своите најголеми ѕвезди.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

