Од Влаховиќ до Де Бруине – ова се десетте најплатени фудбалери во Калчо-лигата

Душан Влаховиќ се уште се наоѓа на врвот на листата најплатени фудбалери во Калчо-лигата, што денеска ја објавија неколку италијански медиуми.

Србинот ги одработува последните месеци од актуелниот договор, со кој има загарантирана месечна плата од еден милион евра или вкупно 12 милиони евра по сезона. Јувентус одбива да ја израмни, камоли да ја зголеми оваа сума, поради што Влаховиќ е подготвен летово да си замине од таборот на „старата дама“ и без никаква отштета да се пресели во друг клуб.

На второто место се наоѓа капитенот на Интер, Лаутаро Мартинез, кој со новиот потпишан договор има загарантирани девет милиони евра по сезона, значително повеќе од неговите соиграчи Чалханоглу и Барела кои се на делба на третото место на оваа ранг-листа со плата од 6,5 милиони евра.

Заедно со овој тандем на Интер е и Пауло Дибала, кој како и Влаховиќ ги одработува последните месеци од договорот со Рома што дефинитивно нема да биде продолжен под овие услови.

Јилдиз пред неколку дена потпиша нов договор со Јувентус со што има плата од шест милиони евра, сума што ќе скокне на седум милиони од сезоната 2026/27.

Шест милиони плата по сезона има и Џонатан Дејвид по слободниот трансфер од Лил во Јувентус, потоа Маркус Турам од Интер, како и Ромелу Лукаку со Наполи.

Листата од Топ 10 најплатени фудбалери во Серија А ја комплетира Кевин де Бруине, кој има загарантирани 5,5 милиони евра годишно според летниот договор што го потпиша со „наполитанците“.

Се вчитува...