Македонската репрезентација доживеа неверојатен натпревар кој само црвено-жолтите очигледно може да го режираат, за пораз од Украина од 2-3 на арената „Тодор Проески“ во 2. коло од квалификациите за ЕП 2024. Од феноменално прво полувреме во кое имавме предност и од 2-0, до пораз за неверување по три гола на Украинците во второто полувреме.
Македонската репрезентација одигра извонреден прв дел. Уште од самиот почеток на дуелот со начинот на игра, активната доминација и постојаниот притисок кон голот преку обидите од далечина на Трајковски, Адеми и Несторовски беше јасно дека Македонија е цврсто решена на позитивен резултат против Украинците.
Главниот судија на мечот, Швајцарецот Фендрих не досуди првично пенал, но по ВАР проверка беше јасно дека ќе мора да покаже на белата точка. А мајсторски пеналот го изведе Енис Барди.
Но, националниот тим не застана само на тоа. Откако Енис Барди од пенал донесе водство од 1-0, водството го удвои Елиф Елмас кој постигна вистински „еврогол“ во 39. минута од натпреварот. Мајсторски шут од околу 25 метри на Елмас за ерупција на 20.000 навивачи на „Тодор Проески“.
А, Украинците можеа да бидат на крај среќни и што остана само 2-0 на полувремето, откако Алиоски во 45. минута извонредно изведе слободен удар но дирекот го спаси голот на гостите и за 3-0, а потоа во мешаницата пред украинскиот гол македонските офанзивци не успеаја да постигнат нов гол.
Сепак, тоа што Македонија го играше во првото полувреме, остави Украинците да го сервираат во второто. Македонската селекција убаво го почна и вториот дел, мудро одржувајќи ја предноста. Кога се чинеше дека целосно е неутрализирана играта на противникот, во 62. минута Забарњи од безопасна ситуација по прекин со глава осамен пред нашиот гол намали на 1-2.
И, тоа како се да промени во играта на македонската селекција. Па, во 67. минута Мудрик одлично продре по левата страна, а Конопља од втор план шутираше ниско по земја за 2-2.
Дополнителен проблем за Македонија следеше во 72. минута кога Висар Муслиу направи втор жолт картон, па останавме и со играч помалку.
Квантитавната предност на терен Украинците ја искористија во 83. минута кога Циганков, повторно на асистенција на Мудрик, продре пред нашиот гол избегнувајќи офсајд замја и со глава погоди за 2-3.
Македонија, по овој несакан пораз, утре заминува за Манчестер каде во понеделник на 19. јуни ја очекува пресметката со Англија на „Олд Трафорд“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
Се вчитува...