Од златната генерација на Барселона остана само уште еден фудбалер

Жерард Пике стави точка на својата фудбалска кариера, синоќа одигрувајќи го последниот натпревар за Барселона во победа од 2-0 против Алмерија во Ла Лига.

Беа тоа моменти под силен емотивен набој на „Камп Ноу“. На крајот Пике го прегрна и поранешниот соиграч, сега тренер на Барса, Чави.

Пике и Чави беа дел од златната генерација на Барселона која освои три титули во Лигата на шампионите и пет шпански првенства. Во тој состав беа и Лионел Меси, капитенот Карлос Пујол, Дани Алвеш, Рафа Маркез, голманот Виктор Валдес, Андрес Иниеста… Од сите нив во Барселона остана само Серхио Бускетс, 34-годишниот фудбалер од средниот ред на кого договорот му завршува на крајот од сезоната.

Како и да е, од „претпоследниот Мохиканец“ во тимот повеќе од 90.000 на „Камп Ноу“ се збогуваа на најдобар можен начин.

Пике во 84. минута со овации го напушти теренот, за да по натпреварот заврши и на рацете на своите соиграчи. Публиката остана на стадионот како би ги слушнала последните зборови од легендарниот Пике како играч на Барселона.


А, расплаканиот Пике не можеше да ги задржи солзите. Плачеше како мало дете заблагодарувајќи им се на сите за се што направија за него за време на престојот во клубот.

„Сакам да им се заблагодарам на сите – соиграчите, стручниот штаб и клубот. Ви благодарам за се. Понекогаш љубовта се искажува со заминување“ – рече Пике, не можејќи да ги сокрие солзите пред повеќе од 90.000 навивачи на „Камп Ноу“.

За крај испрати и силна порака…

„Мојот дедо ме зачлена во клубот на денот кога сум се родил. Тука сум роден, тука и ќе умрам. Ќе се вратам“ – порача Пике со нови овации од трибините.

 

Се вчитува...