Комитетот за Апелација на ФИФА денеска ја одби жалбата на Челси за одлуката за едногодишна забрана за трансфери поради истрагата за над 100 трансфери на млади фудбалери во академијата на лондонскиот клуб. Една година светската фудбалска организација спроведуваше истрага во лондонскиот клуб, почна од 25 трансфери, а со текот на времето бројката на спорни случаи енормно се зголемуваше. Се работеше за трансфери на играчи помлади од 18 години кои потпишувале договори со академијата.
Според регулативата на ФИФА трансфер на младите играчи од една во друга земја е дозволен само ако родителите на тинејџерот независно се преселиле во конкретната држава.
Истражителите на ФИФА особено се интересираа за трансферот на фудбалерот од Буркина Фасо, Бертранд Траоре кој во клубот официјално дојде во 2014 година, но одиграл неколку натпревари за младинските категории кога имал 16 години. Според сознанијата на ФИФА, Челси за доаѓањето на Траоре им платил на неговите родители, на клубот во Буркина Фасо, а му ги платил и трошоци во училиштето каде одделот за фудбал го води поранешен играч на клубот.
Поради забраната лондонскиот тим се соочува со голем проблем, бидејќи нема да има право да носи играчи во следните двa преодни рока, а големи се шпекулациите дека дел од ѕвездите на тимот, како Еден Азар летово заминуваат од „Стемфорд бриџ“.
Челси има последна можност да се жали до Спортскиот Суд во Лозана, но со таа жалба нема да биде одложена забраната за трансфери за летниот преоден рок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА