Одбојкарската репрезентација на Македонија ги продолжува подготовките за Европското Првенство, а стручниот штаб на селекторот Матијашевиќ е сериозно засилен со врвен кондициски тренер кој доаѓа од Франција. Станува збор за Жан Пјер Рејно Шоке, тренер кој има работено со Никола Ѓоргиев и со Ѓорги Ѓоргиев во тимот на Париз. Токму овие двајца репрезентативци се најзаслужните што Шоке им се приклучува на „спартанците“, во обид максимално да ги подготви за пеколното темпо на натпревари на претстојниот европски шампионат.
„Физичките подготовки се најздодевна фаза за секој спортист, но свесни сме колку е важно да се биде максимално спремен на физички план, особено на големите натпреварувања. Некои од нас подолго време се без натпревари за своите клубови, па овие подготовки се добредојдени да се вратиме во ритам“ – истакна Александар Љафтов.
Одбојкарите ќе тренираат во Скопје до 22 јуни, по што ќе добијат одмор од 20 дена. Следниот собир е закажан за 14 јули, кога националниот тим ќе се пресели во Маврово. Како дел од подготовките на турнирот „Чајка“ македонската репрезентација во Скопје ќе се сретне со Белгија, Бугарија и Украина, а закажани се и пријателски средби со Шведска, Романија и со Австрија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА