Македонската одбојкарска репрезентација ја забележа првата победа во рамките од Златната лига, откако попладнево нашите одбојкари лесно и убедливо го совладаа Азербејџан со 3-0 во сетови. За разлика од првите две средби во Струмица на кои реално имавме поквалитетни ривали, денеска Македонија ја имаше фаворитската улога што максимално ја оправда на терен, најавувајќи влегување во топ-форма во пресрет на квалификациите за следниот европски шампионат.
Уште од самиот старт стана јасно дека сме поквалитетни од азербејџанската селекција, избраниците на селекторот Наковски ја зголемуваа предноста од минута во минута и го добија првиот сет со 25-17. Отпорот на противникот беше целосно скршен и во вториот сет во кој нашите одбојкари поведоа со 22-12, за на крајот да го добијат со идентични 25-17 како и првиот дел од мечот.
Во третиот сет повторно триумфот во ниту еден момент не беше доведен во прашање, Македонија имаше водство од убедливи 19-10, за на крајот да слави со 25-18 и конечни 3-0 на овој натпревар.
Најдобри поединци во македонскиот национален тим беа Никола Ѓоргиев и Филип Савовски со по 15 поени, додека Стојан Илиев освои десет поени во оваа победа.
Македонската репрезентација утре ќе се сретне со домаќинот Белгија во рамките од четвртото коло од Златната лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА