Македонската одбојкарска репрезентација денеска официјално ги започна подготовките за настапот во квалификациите за пласман на Европското првенство кое во 2026 година ќе се одржи во Бугарија, Финска, Италија и Романија.
Дел од репрезентацијата одново ќе биде искусниот Александар Љафтов кој ги пропушти натпреварите во Европската златна лига.
„Денес почнуваме со подготовките за, според мене, поважниот дел бидејќи јас ги пропуштив натпреварите од Европската лига. Сега се подготвуваме за квалификациите за Европското првенство, не очекува многу напорна работа, не очекуваат два тешки натпревари против Грузија и Грција. Ќе се подготвуваме максимално и се надевам на две победи, за наредното лето да влеземе порастоварени и да ни биде потребна само една победа за пласман на Европското првенство по четвртипат по ред“, вели Љафтов.
Квалификациите македонските одбојкари ги започнуваат од Тбилиси каде на 17 август силите ќе си ги одмерат со Грузија, а на 25 август следи и средбата против Грција во Скопје.
Покрај одбојкарите подготовки започнаа и одбојкарките кои на 17 август во Скопје ќе се сретнат со Австрија, а на 28 август ги чека дуел со Грција во Солун.
„Трета година по ред се собира женската одбојкарска репрезентација. Возбудата е голема, пристигнавме сите, ги гледам насмеани. Ќе играме два квалификациски натпревариа против познати противници. Со Австрија ќе играме на домашен терен, со нив се сретнавме и минатата година во Европската лига, добро знаеме што не очекува. Против Грција играме на гости и тие ни се добро познати бидејќи со нив се сретнавме на Медитеранските игри во Алжир. Амбициите се големи, целта е да се покажаме во подобро светло за разлика од претходните две години“, вели репрезентативката Тамара Стојанова.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА