Одбојкарите и ракометарките најдобри во 2019 година, РФМ е федерација број 1 во Македонија

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија и женската ракометна репрезентација ги понесоа признанијата за најдобри спортски колективи во земјава во традиционалниот избор на Агенцијата за Млади и Спорт (АМС) за изминатата година.

Одбојкарите сосема заслужено го понесоа епитот најдобри по историскиот пласман на Европското првенство 2019 на кое останаа на само чекор од пласман во вториот круг. Ракометарките, пак, во конкуренција за првото место во крајното гласање беа подобро од фудбалските репрезентативки.

Наградите на свечената манифестација во Националната опера и балет ги примија селекторот Симе Симовски кај ракометарките, како и претседателот на ОФМ, Петар Јовановски, во друштво на капитенот Никола Ѓорѓиев.

Ракометната федерација на Македонија е прогласена за најуспешна федерација за изминатата 2019 година. Претседателот на РФМ, Живко Муакетов, истакна благодарност за наградата која некако во континуитет доаѓа по сите одлични години за македонскиот ракомет….

„Сите во ракометна Македонија се најзаслужни за оваа награда, од најмалите до највозрасните. Сакам да се заблагодарам со ново ветување за уште посилна работа наредниот период како би ги мотивирале најмладите кај нас за што поголема масовност која понатаму ќе донесе и нов квалитет“ – истакна претседателот Живко Мукаетов.

 

 

 

Се вчитува...