Одбојкарската репрезентација на Македонија вечерва во 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ ќе ја пречека Грузија во клучниот меч за пласман на Евроволеј 2026, што би било четврто европско првенство во низа за нашата национална селекција.
Поразот од максимални 3-0 во Атина од Грција значи дека Македонија сега нема друга опција – мора да оди на максимални 3-0 и што подобар поен-количник против Грузијците за да стигне до посакуваната цел. Македонија е во „трка“ за место меѓу петте најдобровторопласирани селекции, кои исто така обезбедуваат настап на ЕвроВолеј 2026, заедно со седумте првопласирани екипи од групите од квалификациите. По комплетирањето на претпоследното коло Македонија е во битка со Австрија и Норвешка за евро-билет, со подобар поен-количник од конкурентите. Поради тоа потребно е во последниот дуел со Грузија, нашата селекција да загуби што помалку поени во сетовите и да запише сигурна победа од 3:0, а потоа да го чека и конечниот исход од натпреварите во другите групи.
Грузија е ривал што веќе го совладавме со максимални 0-3 на гостински терен, но сепак ќе мора да се остане максимално фокусиран за истиот резултат да се повтори и вечерва во Скопје. Селекторот Јошко Миленкоски ги повика навивачите во што поголем број да дојдат вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ и да им дадат поддршка на одбојкарите на патот до нов европски шампионат.
„„Натпреварот со Грција го оставаме зад нас. Игравме против моќна репрезентација составена од квалитетни играчи. Во поголемиот дел од напреварот тоа го докажаа на теренот иако и ние имавме добри моменти, особено во третиот сет кога стигнавме и до две сет топки, но не ги реализиравме. Со тој сет или без него секако дека мораме да ја победиме Грузија со максимален резултат во Скопје. Освоивме голем број на поени против Грција што ни дава за право да се надеваме на успех во овие квалификации. Погледите се насочени кон натпреварот со Грузија, на кој сме сега комплетно фокусирани. Очекуваме полна сала и поддршка од љубителите на одбојката, со чија помош ќе дојдеме до посакуваниот резултат и ќе обезбедиме уште едно учество на Европско првенство“, дециден е селекторот Миленкоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

