Одбојкарите на Македонија загубија во уште еден натпревар во низа, а овој пат Шпанија ја порази нашата репрезентација со вкупен резултат од 3-1 во сетови.
„Црвено жолтите“ уште на самиот почеток од натпреварот беа конкретни и покажаа сила и мотивација, па иако во првиот сет загубија со тесен резултат од 25-23, успеаја да го кренат нивото на својата игра, па таквиот квалитет на сервис и одбрана им донесе 1-1 во сетови, добивајќи ги Шпанците со 25-21.
Третиот сет беше особено драматичен, се играше речиси постојано поен за поен, а во завршницата Македонија имаше две сет топки кои за жал не успеа да ги искористи. Шпанците умешно се вратија во игра, а нашите одбојкари собраа сила и спасија три сет топки, сепак, четвртата сет топка за „црвената фурија“ беше кобна за Македонија, 30-28 и 2-1 во сетови за Шпанија.
Во продолжението од натпреварот одбојкарите на Македонија целосно се загубија, откако претходно им исчезна мотивацијата и беа обесхрабрени од добиениот трет сет на Шпанците. Одбојкарите на „црвената фурија“ успеаја брзо да ја зголемат предноста и резултатски да се одлепат од македонските одбојкари, па додека постојано ги нижеа поените, така и нашите одбојакри ги зголемуваа техничките грешки. Ваквиот пристап на игра значеше губење на сетот од 25 – 15 и уште еден пораз во низа за Македонија.
Последниот противник за нашите одбојкари на ова ЕП ќе биде репрезентацијата на Русија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА