Одбојкарите на спаринг со Албанија пред решавачките битки за ЕП

Македонската одбојкарска репрезентација ги почна подготовките за двата завршни натпревари од квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство следната година. Нашите одбојкари од денеска се на тренинзи во комплетен состав. Во двете седмици за подготовки, во викендот што претстои, како контрола за мечевите против Украина и против Унгарија, најдобрите одбојкари ќе одиграат двомеч против селекцијата на Албанија. Натпреварот в сабота ќе биде затворен и повеќе неформален, додека неделната пресметка ќе има официјален карактер. Средбите ќе бидат одиграни во салата „Градски парк“ во Скопје.

Веќе на 5.јануари одбојкарската селекција го има гостувањето кај Украина која е водечка во нашата конкуренција без пораз во четирите одиграни натпревари. Четири дена подоцна, на домашен терен ќе биде одиграна последната средба од квалификациите против Унгарија.

На составот што го предводи селекторот Матијашевиќ му се неопходни што повеќе бодови во обид да се позиционира цврсто на второто место на табелата преку кое би се бркал пласманот на еврошампионатот. Од седумте групи, пет второпласирани селекции ќе одат на континенталниот собир. Она што е важно за македонската репрезентација е дека за да обезбеди учество не се важни само нејзините, туку и резултатите во останатите квалификациски групи.

Македонската репрезентација во моментов е на втората позиција на табелата со две победи од натпреварите против Швајцарија.

 

Се вчитува...