Походот по трофејот во Сребрената Европска лига, македонската одбојкарска репрезентација го почнува денеска (16.30 часот) од Косово. Македонскиот национален тим попладнево гостува кај соседот во воведното коло од новоформираното натпреварување. Со овој дуел, нашиот тим ја отвора групната фаза. Во неа ќе се соочи и со Летонија и со Австрија.
Покрај проблемот поради отсуството на првиот техничар, Ѓорги Ѓоргиев, нашиот тим оди на апсолутно непознат терен бидејки во нашиот табор немаат никакви информации за репрезентацијата на Косово.
Ова пред заминувањето го признаа и селекторот Љубомир Травица и капитенот Никола Ѓорѓиев.
„Косово за нас е тотална непознаница, но тоа не е проблем затоа што нашиот фокус е да играме според договореното“ – рече Травица.
Дуелот со Косово е закажан за попладнево во 16.30 часот, ќе биде одигран во Урошевац салата која што се вика „Бил Клинтон“.
Во нашата конкуренција, репрезентацијата на Летонија веќе ја запиша првата победа откако во дуелот од првото коло забележа триумф од 3-1 на гостувањето кај Австрија. Летонија е нашиот следен противник. В среда гостуваме кај оваа репрезентација.
Македонската одбојкарска селекција без разлика на исходот и пласманот во групата ќе биде дел од Ф4 турнирот, бидејќи ќе биде домаќин на завршницата од Лигата закажана за 15 и 16 јуни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА