Одбојкарите по Триумф над БиХ за почеток на патот кон ЕП

Одбојкарската репрезентација на Македонија со денешниот дуел против Босна и Херцеговина (18 часот, СЦ „Борис Трајковски“) го почнува настапот во квалификациите за ЕП 2021. „Црвено-жолтите“ се наоѓаат во група со Турција и со БиХ, двата турнири ќе се играат во Скопје, а пласман на ЕП ќе обезбеди вкупниот победник во групата, како и петте најдобри второпласирани селекции од седумте квалификациски групи.

„Црвено-жолтите“ се во сличен состав на оној со кој обезбедија историско учество на претходниот европски шампионат, а предводени од капитенот Никола Ѓоргиев нашите одбојкари ќе се обидат да фатат континуитет од настапи на големите натпреварувања.

Не би сакал да се опуштиме. Јас мислам дека првата линија ја знам и сметам дека ние сме поквалитетни од нив. Но без разлика на тоа, треба да играме максимално затоа што знаеме дека најтешко се добиваат добиените натпревари. Имаме искуство, знаење и квалитет за да пристапиме вистински, да оствариме две победи над босанската репрезентација и потоа да се бориме со Турција за првото место во групата“, вели македонскиот капитен Никола Ѓорѓиев.

Се вчитува...