Одбојкарите подобри од Албанија, против Црна Гора за медал на Балканијадата

Македонската машка одбојкарска репрезентација за играчи до 20 години ја совлада Албанија и денеска против Црна Гора ќе игра за обезбеден медал на  Балканското првенство во Приштина. По триумфот над Косово во првото и поразот од Бугарија во второто коло, црвено-жолтите вчера беа убедливи против албанските одбојкари со 3:0. Македонија имаше контрола во текот на целиот натпревар, го издржа првиот сет во којшто препушти 22 поена, потоа целосно доминираше во вториот и го доби со 25:16, а во третиот на ривалот му дозволи 21 поен.

Со две победи на три натпревари досега, тимот на селекторот Ванче Санев е на дофат на медал на Балканијадата затоа што Бугарија и Турција имаат максимален ефект со по три успеси, а нашиот денешен противник Црна Гора оствари само една победа пред соочувањето со нас. Тоа значи дека доколку денеска победиме, без разлика на резултатите од утрешното последно, 5-то коло, Македонија ќе биде освојувач најмалку на бронзениот медал. Шансите за таков расплет се реални иако Црногорците имаат квалитетен состав, а тоа го покажаа освојувајќи по еден сет во соочувањата со фаворитите Бугарија и Турција.

Тие денеска ќе играат меѓусебе за да го задржат максималниот ефект, а програмата со три средби ќе започне со мечот Косово-Албанија.

Се вчитува...