Одбојкарската репрезентација на Македонија ќе игра во финалето на Европската сребрена лига, откако во трилер меч со Хрватска славеше со 3-2 (15-25, 25-19, 25-22, 21-25 и 15-12).
По израмнетата игра во првите неколку поени, Хрватите уфрлија во повисока брзина и на убедлив начин го добија првиот сет со 15-25.
Во вториот сет беше се подруго. Влегувањето на Филип Деспотовски донесе нова енергија кај „црвено-жолтите“, а капитенот Никола Ѓорѓиев беше вистински предводник во добивањето на сетот со 25-19 и израмнување на 1-1.
Третиот сет беше вистински трилер. Се играше буквално поен за поен се до финишот кога при резултат 22-22, „спартанците“ успеаја да го зададат конечниот удар и со три поени во низа да стигнат до пресврт и предност од 2-1 во првото полуфинале во Сребрената европска лига. По освојувањето на третиот сет на македонските репрезентативци дојде до мала нервоза на теренот, која доведе до инцидент меѓу двете репрезентации кој заврши со црвени картони за Ристо Николов и Марко Седлачек.
Во четвртиот сет дојде до нов пад на македонските репрезентативци кои многу грешеа и брзо му дозволија на противникот да направи солидна предност, која до крајот не успеаја да ја анулираат и Хрватите го одведоа мечот во одлучувачкиот тај-брејк.
Одлучувачкиот сет беше вистински драма. Хрватите поведоа со 4-7, но со одлична серија избраниците на Никола Матијашевиќ успеаја да дојдат до водство од 10-7, по што селекторот на Хрватска мораше да ги потроши и двата тајм-аути. До крајот „црвено-жолтите“ успеаја да ја задржат предноста и да стигнат до конечен триумф од 15-12.
Капитенот Никола Ѓорѓиев повторно беше прво име во нашиот тим со 23 поени, додека одличен беше и Љафтов со освоени 14 поени.
За Македонија ова ќе биде трет обид да дојде до златото во Сребрената Европска лига, откако претходно на двапати во 2015 и 2016 година беше поразувана во финалето.
Во второто полуфинале од 20 часот ќе се сретнат репрезентациите на Унгарија и Данска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА