Селекторот на македонската репрезентација, Душко Николиќ, го објави списокот на одбојкари на чии услуги ќе смета на претстојното Европско првенство во кое нашиот национален тим ќе биде дел од групата што ќе се игра во Тампере, Финска, Во однос на премиерниот настап во Љубљана пред две години, своето деби на големите натпреварувања ќе го имаат Лука Костиќ и Филип Савовски. Тие ќе ги заземат местата на Милков и на Андонов, кои беа дел од македонскиот национален тим на ЕП 2019 во Словенија.
На коректорската позиција ќе биде капитенот Никола Ѓорѓиев, а Ѓорѓи Ѓорѓиев и Филип Деспотовски ќе се менуваат на позицијата техничар. Александар Љафтов, Владо Милев, Стојан Илиев, Лука Костиќ и Васе Михаилов се примачите на „црвено-жолтите“, Ристо Николов, Филип Маџунков, Филип Савовски и Славе Наков се опции на позицијата среде блокер, а либера во македонскиот национален тим се Дарко Ангеловски и Филип Николовски.
Стојче Арсов, Ефтим Ричлиев и Костадин Ричлиев тренираа со репрезентацијата од собирот на 11-ти јули, беа и на листата на пријателските натпревари, го дадоа својот придонес во подготвителниот процес, но сепак, за свое деби на европските првенства ќе чекаат друга шанса.
Ривали на Македонија во групата во Тампере ќе бидаат селекциите на Финска, Турција, Холандија, Шпанија и Турција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА