Одбојкарите со пораз од Чешка закажаа осминафинале против светскиот шампион Италија

Одбојкарската репрезентација на Македонија со пораз од Чешка од максимални 0-3 (19-25, 23-25 и 17-25) го заврши настапот во групата Ц во Скопје и со тоа си закажа осминафинален меч против актуелниот светски шампион Италија.

Уште од самиот старт на сетот Чесите тргнаа фуриозно. Со одлични сервиси брзо направија разлика од 1-4. Во поголемиот дел од сетот Чешка ја држеше предност од три поени, а за првпат до четири поени предност стигнаа при резултат 5-9, по што следуваше првиот тајм-аут на селекторот Јошко Миленкоски.

Ниту тајмаутот на селекторот не помогна. Чесите продолжија со одличната игра по која стигнаа и до плус шест (8-14). До крајот само рутински ја завршија работата за (19-25) и водство од 0-1 во сетови.

Чесите и во вториот сет многу рано ја презедоа иницијативата и брзо стигнаа до водство од три поени (4-7). Конечно проработе блокот кај „црвено-жолтите“ па нашите момци успеаја да се вратат резултатски во сетот и да израмнат на 9-9. Следуваше нова мини-серија на Чесите со која повторно стигнаа до плус три (12-15), по што селекторот Миленкоски мораше да интервенира со нов тајм-аут. Со серија добри сервиси на Љафтов во финишот успеавме да се приближиме на само еден поен негатива (20-21), но тоа беше се од нашите момци, а Чесите со 23-25 поведоа со 0-2. Во последниот сет, Чесите само рутински ја завршија работата добивајќи го со 17-25.

И покрај проблемите со повредата и болките во ‘рбетот во нашиот табор повторно најдобар беше Никола Ѓоргиев кој мечот го заврши со 15 поени, додека кај победникот Лукас Вашина освои 19 поени.

Одбојкарите сега патуваат за Бари, каде против домаќинот и актуелен светски шампион Италија ќе играат во осминафиналето.

Се вчитува...