Македонската одбојкарска репрезентација е на неколку дена пред почетокот на настапите во Сребрената Европска лига. Нашиот национален тим го комплетираше делот од подготовките во Маврово, а од денеска во Скопје ќе работи за завршните детали во пресрет на воведниот натпревар од групата, против Косово, в недела на гостински терен. Нашата селекција во прелиминарниот сегмент ќе игра и против Летонија и против Австрија. Дуелите од групата ги почнуваат на 20 мај, а ги завршуваат на шести јуни.
Македонската селекција без разлика на исходот и пласманот во групата ќе биде дел од Ф4 турнирот, бидејќи ќе биде домаќин на завршницата од Лигата закажана за 15 и 16 јуни.
„Групните натпревари од Европската лига се со тренинг карактер. Секогаш е важно да се игра на добар резултат, но за нас најзначајно ќе биде да бидеме најподготвени за Ф4 турнирот. Можеби е чудно, но за нас, целото натпреварување се сведува на два натпревари. Подготовките не можеме да ги одработиме во полн состав и затоа ќе го користиме максимално периодот по почетокот на средбите во групата – вели новиот предводник на одбојкарската репрезентација, Љубомир Травица.
Македонската одбојкарска репрезентација, во претходниот формат на Европската лига одигра три финалиња и во сите беше поразена. Летово за нашиот одбојкарски тим, има и поголем предизвик – квалификациите за Европското првенство во 2019 година. Квалификациите за него ги почнуваме во август. Во група сме со репрезентациите на Украина, Унгарија и на Швајцарија, конкуренција во која имаме изгледни шанси за пласман на еврособирот, велат од нашиот тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА