Одбојкарите убедливи на пријателскиот меч со Швајцарија

Македонија ја совлада Швајцарија во три сета со 26-24, 25-21 и 25-20 во вториот пријателски натпревар одигран на гостински терен како дел од подготовките за квалификациите за Европското првенство 2026.

За разлика од вчера кога противникот ги добиваше сетовите на разлика, нашите одбојкари одиграа поквалитетно и имаа контрола на резултатот. Никола Ѓорѓиев беше најефикасен во македонската селекција со 20 поени, Филип Савовски освои 11 поени, Александар Љафтов – девет, Владо Милев – три, Ѓорѓи Ѓорѓиев, Ефтим Ричлиев и Стојан Илиев по два, а Тоше Ефремов, Стојче Арсов и Филип Лепидовски по еден поен.

Со оглед на карактерот на мечот, имаше и уште еден неофицијален, четврти сет, а во него Швајцарците беа подобри со 19-17.

Македонската репрезентација утре ќе се врати во Струмица по што ќе игра на турнирот „Чајка“ со Израел и со Косово. Квалификациите се на 17. август со Грузија на гости и со Грција дома на 25. август.

Се вчитува...