Одбојкарите вечерва во Осиек на нов мегдан во Златната лига: Зошто да не се изненади силната Хрватска!?

Македонската одбојкарска репрезентација вечерва од 19 часот против Хрватска во салата „Градски врт“ во Осиек ги продолжува своите натпревари во Европската златна лига.

Иако македонските обојкари не зацртаа конкретен пласман во Европската златна лига, по квалитетниот турнир во Белгија, сите сакаат Осиек да биде круна на настапот во најсилното годишно натпреварување на ЦЕВ.

„После добрата игра против Азербејџан и Белгија, овде во Хрватска сакаме да останеме на исто ниво или да го подобриме. Ми се допадна како изгледавме против Белгијците, нивото може да го кренеме, а доколку биде така, се надевам на уште подобар резултат“, вели селекторот Хари Наковски.

По двата пораза во Струмица од Естонија и од Чешка, македонската репрезентација влезе во вистински ритам и го совлада Азербејџан, а потоа беше на дофат на триумф против Белгија. Затоа сме 10-ти на табелата со можност да напредуваме во зависност од резулатите на претстојните две соочувања.

„Во Хрватска ќе го одработиме првиот тренинг. Очекувам да прикажеме добра игра како на турнирот во Белгија,. Мислам дека имаме квалитет да се спротивставиме и на Хрватска и на Шпанија, очекувам барем една победа, а зошто да не ја изненадиме и Хрватска“, оптимистички е расположен најискусниот во нашиот табор Владо Милев.

Македонија на турнирот во Хрватска, вечерва игра со домаќинот, а в сабота (1. јуни) ќе се сретне со Шпанија. Хрватите се амбициозни да го освојат златото и затоа се пријавија да го организираат завршниот турнир, а Шпанците досега остварија две победи на четири меча. Сепак, и во „Градски врт“ во Осиек многу работи на теренот ќе зависат од нас и само од нас.

Се вчитува...