Одбојкарите во „лудо сценарио“ можат и до осминафинале…Па, така дојдоа и на ЕП

ЕКИПА во Љубљана,

Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски

Македонската одбојкарска репрезентација е „атипична“ како што вели селекторот Никола Матијашевиќ и не само поради начинот на игра и енергијата во натпеварите, туку и поради неверојатните ситуации во кои „влетува“ во можности за историски прогрес на ЕП или на осминафинале во дебитантскиот настап на континентален собир.

По триумфот над Белорусија, прв историски на Европските првенства, македонската репрезентација иако во шампионатот влезе со три порази, има теоретски шанси за место меѓу шеснаесетте селекции во нокаут-фазата. Најважниот момент во сценариото околу пласманот во осминафиналето за нас е тоа што во ниту една вријанта работите не зависат само од македонската репрезентација.

Затоа што и во најдоброто и најлудото сценарио во кое ние би ја победиле Словенија, сепак ќе треба да ги чекаме исходите од натпреварите на нашите конкуренти, Финска, Турција и Белорусија.

За да бидеме и натаму во игра за осминафинале во случај да загубиме од Словенија, поразот треба да биде во максимален број сетови и тоа ние да освоиме исклучително многу поени, а потоа повторно да ги чекаме исходите од дуелите на конкурентите.

 

Во слична ситуација, македонската репрезентација беше и во пресрет на последното коло од квалификациите за пласман на ова Европско првенство.

„Играме со Словенија, ќе видиме…Можеби пак ќе ни се погоди. За да се пласираме на Европско ни требаа пет работи, па сите се погодија. Зошто да не биде така повторно“, изјави за ЕКИПА, Дарко Ангеловски.

Она што сепак треба да се има в предвид е фактот дека Словенија која е ко-домаќин на првенството има амбиции за медал, секако претендира за првото место во групата за кое ќе се бори со Русија и досега прикажа одлични изданија добивајќи ги сите три меча со еден загубен сет. За трката за првото место со Русија, на Словенците секако денеска им е потребна победа над нашиот состав.

Досега имаме шест натпревари против Словенија во кои имаме само една победа од 3-1 во Европската лига во 2014 година.

 

Се вчитува...