Македонската одбојкарска репрезентација денеска од 16 часот во Будимпешта го игра полуфиналниот меч против Финска на Ф4 завршниот турнир од Европската сребрена лига. По Валбжих, Варна, Гентофте, Скопје, Струмица, сега Будимпешта е на ред за македонските одбојкари кои во супер-атмосфера го очекуваат дуелот со старите познаници Финците, кои ја носат фаворитската улога пред денешната средба.
И капитенот Никола Ѓоргиев добро знае дека Финска е фаворит пред дуелот, но и тоа како носи рецепт како треба да се однесуваме на терен ако сакаме успех и пласман во утрешното финале.
„Јасно е дека не сме фаворит против Финска, но исто така и не сме некој голем аутсајдер. Се ќе зависи од тоа како ќе пристапиме на натпреварот, мора да бидеме навистина зрели во играта, паметни и храбри бидејќи противникот прави многу малку грешки. Затоа клучот на натпреварот ќе биде како ние ќе одреагираме на нивната игра“ – вели капитенот Ѓоргиев.
Во седмото полуфинале во Европската лига ќе влеземе со биланс 4-2, а во третиот меч против Финците во последните три години со два освоени сета во идентичните порази со 3-1 на претходните два континентални самита.
Финска е речиси целосно променета, со исти играчи на примачка дијагонала – Ронкаинен и Макинен. Ги нема Тервапорти, Керминен, Сивула, Сирила и Синконен во однос на пресметката лани во Тампере. Тимот е млад, но одлично селектиран, а искуството на Ѓорѓиеви, на Деспотовски, на Милев, на Маџунков, може да биде наша силна страна. Ние ги немаме Наков, поради семејни причини, и Михаилов поради здравствени проблеми, па единствено либеро ќе биде Милев. Значи, ќе играме со линијата која што ни ги донесе последните две победи со Романија и со Босна и Херцеговина.
„Иако се подмладени ја негуваат истата игра како на претходните европски првенства. Сериозно ги анализиравме, и ќе биде важно кој подобро ќе се снајде на оние неколку лесни топки во текот на сетот. Најголемиот дел играат во зона четири и тука ќе мора да ги запреме, па се надевам на позитивен резултат“ – вели Ѓоргиев пред денешниот дуел со Финците.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА