Одбојкарите загубија од Украина со 3-1, Европското првенство е речиси неверојатно

Македонската одбојкарска репрезентација загуби со 3-1 во сетови од Украина во претпоследниот натпревар од квалификациската група за пласман на Европското првенство и драстично си ги намали шансите за место меѓу континенталната елита. Украинците се сигурно први во групата и учесници на европскиот собир на најдобрите.

Во воведниот сет рамноправно беше само до 3-3. Потоа Украинците направија серија за водство од 7-4, по што разликата само ја зголемуваа. Македонските одбојкари успеаја да намалат на два поени разлика, но тоа беше максимумот во стартниот сет кој го загубивме со 25-19.

Во драматичниот втор сет, македонската репрезентација испушти предност од 14-10 и од 18-15, Украинците се изборија за неизвесна завршница, нашите одбојкари одбранија четири сет топки, но не можеа и во петтиот обид и го загубија сетот со 28-26. Со тој добиен сет, Украина веќе го обезбеди пласманот на Европското првенство бидејќи го осигура првото место во групата.

Македонскиот состав беше најдобар во третиот сет во кој беше речиси постојано во предност, имаше и 19-14 и 20-15, а сетот го доби со 25-23 и ја намали негативата. И во четвртиот сет во голем дел имавме предност, но Украинците до израмнување дојдоа во финишот и не ја пропуштија шансата за сигурен триумф од 3-1. Сетот го добија со 25-23.

Во вториот натпревар во нашата група, Швајцарија со пресврт во гости ја победи Унгарија и сега и ние и Швајцарците имаме идентично по шест бода, но македонскиот тим има подобар сет количник.

Во последното коло, најдобрите македонски одбојкари се соочуваат со Унгарија на домашен терен и мора да забележат победа за да завршат на втората позиција во групата. Но, за да обезбедат место на еврошампионатот ќе зависат од исходите во другите квалификациски групи. Ова затоа што пет од седумте второпалсирани одат на Европското првенство.

 

 

 

Се вчитува...