Македонската женска одбојкарска репрезентација вечерва од 20 часот во салата „Парк“ во Струмица против Луксембург ги стартува настапите на првиот турнир од ЦЕВ Европската Сребрена лига 2025.
Селекторот Стефан Пауновиќ се одлучи со кои 14 репрезентативки ќе настапат на првиот натпревар против Луксембург. Коректорот на шампионот Јанта Волеј КВ, Мери Бошковска отпадна од составот поради повреда на скочниот зглоб на еден од последните тренинзи и таа е веќе во процес на санирање на повредата, со цел што побрзо да се врати на теренот.
Покрај неа во составот ја нема ниту интернационалката Ерјона Јонузи. Организаторот на играта на селекцијата се врати по подолга пауза поради повреда и таа одлично одговори на сите задачи на селекторот Пауновиќ во текот на подготвителниот процес, но нема да игра на првиот меч.
„Од претходно најавив дека навистина имам тешка задача и со стручниот штаб бевме во сериозни дилеми околу изгледот на тимот за првиот меч. Сметам на сите и понатаму, се надевам дека и Бошковска ќе ја санира успешно повредата и што побрзо ќе ја имам на располагање. Од овие причини не го објавував составот се до крајниот рок“ – објасни селекторот Пауновиќ.
Македонските одбојкарки очекуваат силна поддршка од трибините во Струмица во желбата да се дојде до првата победа во Сребрената лига.
„Влезот во салата ‘Парк’ во Струмица е слободен. Дојдете да навиваме заедно!“ – порачуваат од Одбојкарската федерација на Македонија до македонските љубители на спортот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

