ЕКИПА во Виена,
Стеван Цаневски
Денеска е „Денот Д“ за македонската репрезентација во Виена, дуелот со домаќинот Австрија е „да се биде или не“ за нашиот национален тим, бидејќи неуспех ќе значи и пакување на куферите и напуштање на австриската метропола. Прв впечаток е дека станува збор за ривал кој квалитативно е на нивото на Македонија, но на сите им е јасно дека ќе мора да се одигра многу подобро, пред се во нападот, за да се стигне до триумф на овој меч.
Одбраната беше подобар дел од нашиот тим на првите две средби, но вистинскиот предизвик ќе биде оној денешниот, кога против себе ќе го има Никола Билик. Бекот на Кил игра во извонредна форма, во првите два гола веќе постигна 22 погодоци, а згора на тоа и со 14 асистенции го разигра остатокот од тимот.
„Го имаат Божовиќ од едната страна, кој е изразит бек шутер, а од другата е Билик, кој одигра одлично на стартот од овој шампионат. Тој е поразличен вид на играч, не само што има опасен шут, туку знае да реализира и по продор и затоа нема да биде нималку лесно да се неутрализира. Згора на тоа, тој напаѓа на страната каде што во нашата зона се наоѓа Стоилов, што уште повеќе ќе го истроши нашиот прв пикер“ – истакна селекторот Брестовац.
Едно е јасно, место за поправен нема, па сите ќе мора да го дадат максимумот за да го неутрализираат главниот австриски ракометар, за на крајот да се радуваат на пласман во следната рунда, каде ги очекуваат дуели со Хрватска, Белорусија, Шпанија и Германија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА