ОДИМЕ НА ЕП – Благоја МИЛЕВСКИ: Семејството и овие момци го вратија животот во мене, по неправедните откази од Вардар!

Во желбата што поблиску до вас да ги доближи македонските херои кои со пласманот на ЕП 2017 го донесоа најголемиот успех во историјата на македонскиот фудбал, ЕКИПА преку серијал интервјуа „ОДИМЕ НА ЕП“, со дел од актерите во Полска, од еден малку поинаков агол ќе ви го најави собирот на најдобрите млади фудбалери на Стариот континент.

=========================================================================

Со кого друг би стартувал серијалот разговори за првиот историски настап на македонска репрезентација на Европски шампионат, ако не со творецот на генерацијата која донесе силна светлина во домашниот фудбал, селекторот Благоја Милевски. Сега, сепак, од еден малку поинаков агол, оставајќи ги настрана сите фудбалски теми и „тактичко-технички анализи“ кои и онака, како што вели и Милевски, ќе ги има и отповеќе наредниве две недели.

Овој пат за Благоја Милевски од еден малку поинаков агол, за сите негови падови и успеси во кариерата, за неговата најголема поддршка – семејството, за дел од неговите страсти надвор од фудбалот – непознати за јавноста, за разочараноста од ФК Вардар, за животот изминативе две години со младите репрезентативци, за балансот меѓу приватните и професионалните обврски. И, веднаш со тоа… Успешните секогаш зад себе како свој грб го имаат семејството. Милевски, и тоа како, тоа добро го знае…

„За мене професионалната кариера и семејството, односно приватните обврски, се една неразделна целина која постојано се надополнува. Како велат, најтешкиот дел за успешниот човек е да најде некој кој ќе биде среќен за него и неговите постигнувања. Е тогаш добива енергија за секој нареден предизвик. Ако го немаш тоа, се е залудно. Нашите професионални обврски, секако, бараат и жртва кога се во прашање одредени приватни обврски, но на крајот секогаш сте задоволни кога имате со кого да ја поделите среќата. А јас сум среќен што покрај себе секогаш и во најсреќните и во најтешките моменти ги имам сопругата Марјана, ќерката Андротеа и синот Теодор кои се мојата движечка енергија“ – вели македонскиот селектор, насочувајќи ги мислите веднаш кон одговорот на нашето следно прашање како изгледа негов ден, надвор од фудбалот.

„Малку тешко дека барем еден ден во мојот живот може да мине без фудбал, или без спорт воопшто… И кога не сум ангажиран со личните професионални обврски, повторно моите семејни секојдневни ангажмани се поврзани со спортот. Ќерката Андротеа, 10 години, тренира тенис а синот Теодор, 14 години, пак, кошарка. Па, кога сум слободен постојано сум со нив, а кога не – тука е дедото. Тука се и обврските околу училиштето, па секако морам да балансирам меѓу професионалните и приватните обврски. Но, секогаш за се има време…“.

Milevski 2

Но, сепак, онака родителски фокусот кај своите деца во прв план го насочува кон образованието. Па, потоа се друго.

„Мора да истакнам дека спортот за нив засега е на степен на уживање и ништо повеќе. Јас сум среќен што за нив основно е училиштето, и така мора да биде. Добро, ќерката е малку помала, но горд сум како родител што синот е и првенец на генерација, активен е со странските јазици, а не пропуштил ниту еден тренинг во кошарката. Организацијата на времето, желбата за работа, трудољубивоста и скромноста се особините кај моите деца кои ме прават горд на нив.“

kucinja ramkaВи претставуваат некогаш товар приватните обврски, посебно во ситуација кога сте „натежните“ од овие фудбалските ситуации, кои знаеме кај нас и тоа како знаат да бидат психолошки напорни?

„Не, товар никако. Напротив. Моето семејство е мојата енергија и сите обврски кон нив не се ништо повеќе од едно огромно задоволство. Јас уживам во секој момент со моите најблиски. Знаете, кога сите ние имаме успеси на професионален план тогаш сме опкружени од безброј луѓе кои сакаат да бидат со вас, сите се среќни да бидат дел од вашиот живот и се чувствувате исполнети. Но, кога нештата во животот не ни одат согласно посакувањата, кога на некој начин сте оставени сам во професионалната битка, тогаш единствено семејството е тоа на кое му се враќаме. Најблиските се тие кои единствени сочувствуваат, живеат со вас и вашата болка, и се секогаш тука за вас… Тогаш вистински гледате дека единствената енергетска точка се само тие“.

Боли начинот на кој новиот Вардар се понесе кон мене

А, како еден од оние најтешките моменти во кариерата на Милевски не може да го заборави двојниот отказ во Вардар. Бевте ли разочарани од начинот на кој во два наврати бевте отстрануван од кормилото и тоа во две ситуации кога бевте на врвот, шампиони со тимот?

„Да, да… Никогаш нема да го кријам тоа. Затоа што, мислам дека сум единствениот тренер во Европа кој двапати е менуван во еден ист клуб кога е на прво место и со освоени титули. Јас го почитував ставот на новото раководство, секако тука никој не се меша. Но, начинот на кој сте отстранети од клубот во кој секогаш сте давале се од себе за успех, борејќи се и со многу нечесни работи, секако боли. Ми беше криво и од спортска гледна точка, затоа што не ја завршив сезоната во која секако атакувавме на титула. А, по мојата смена и назначувањето на Сергеј Андреев, за жал таа сезона Вардар од прво место на крајот не успеа да се избори ниту за европски излез завршувајќи на петтата позиција. И денеска ми е криво за тоа, затоа што и со еден таков буџет тогаш две години бевме најдобри во Македонија. Но, секое лошо потоа за добро“.

Потоа доаѓа изборот за селектор на младата репрезентација на Македонија. Сепак, и во тие моменти кога се избираше на селекторската позиција Милевски не беше поштеден од дел од јавноста која сметаше дека е избран само поради кумските врски со претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.

„Да кажам искрено, ќе излаже секој кој ќе каже дека до него не допираат злонамерни коментари. Секако дека допираа и до мене, и не ви е сеедно кога некој ги занемарува сите ваши претходни достигнувања… Не ви е сеедно кога злонамерниците ги занемарија сите претходни успешни сезони со Вардар како тренер, кога го занемарија начинот на кој работевме заедно со овој стручен штаб во Вардар и освоените титули, а го потенцираа само тоа со кое сакаа да наштетат на мојата стручност и способност да водам селекција. Да, чувствував поради тоа одреден притисок, но знаев дека јас и овој стручен штаб сме навикнати на такви притисоци и може да се избориме со се. Инаку, лично јас секогаш ја прифаќам критиката, ако е добронамерна, затоа што таа многу ни помага да ги корегираме недостатоците. Но, ако е основана. А, потенцирањето на кумството како единствена причина за мој избор за селектор беше ништо друго освен злоба на поединци. И, сега истите тие луѓе ги прашувам што!?“

И, сега што…?

„Што? Сега доаѓаме во ситуација Македонија да биде втора репрезентација во Европа по серија на непобеденост, и единствена со Португалија со двоцифрен број натпревар во серија без пораз. Но, знаете што е интересно кај нас во Македонија? Сега истите тие луѓе први трчаат да ви честитаат и да се појават со пофалби за вашата работа. Но, од тоа нема бегање, барем кај нас…“ – низ смеа коментира Милевски.

ramka - nezaboraven moment

milevski so nagrada

Кога стартуваше со тренерската кариера, веруваше ли дека ќе бидеш првиот тренер во историјата на македонскиот фудбал кој ќе ја однесе Македонија на завршница од голем континентален собир?

„Почетокот на мојата кариера беше врзан со клупската работа. И, да бидам искрен на крај памет не ми беше тоа. Да, на клупски план, моја цел беше со Вардар да влезам во групната фаза од Лига Европа или Лига на шампиони, но не се гледав набрзо како работам во репрезентација. Сепак, ете имало среќа, па по најтешките мои моменти, сега моето семејство и овие млади момци потоа го вратија сиот елан кај мене за нови и нови успеси, за нови и нови предизвици“.

Желбата да се стигне до целта мора да биде посилна од стравот да не не се успее!

А, Благоја Милевски е човек кој никогаш не се откажува, а секогаш држи достоинствено до својата определба за успех. Тоа го пренесе и на младите репрезентативци.

„Желбата да се реализираат одредени цели и предизвици секогаш треба да биде посилна од стравот да не не се успее… Ништо не може да ја замени упорноста. Ниту талентот, ниту генијалноста, ниту образованието… Разликата меѓу оние кои успеале да го живеат својот сон и оние останатите не е во знаењето и мудроста, но само во упорноста и одлучноста. Тоа е она што мене ме води на патот кон реализацијата на зацртаните цели. И така ќе биде секогаш!“

plackovica - ramkaМилевски е човек кој кога одбира со кого ќе работи, го мери прво карактерот на поединецот, чесноста и вредноста… Така е и при изборот на соработниците во стручниот штаб, така е и при изборот на репрезентативците. Тоа е и една од малите тајни на неговиот успех.

„При изборот на фудбалери за еден тим, така беше и кога бев во Вардар, па и сега во репрезентацијата едно од најзначајните нешта на кои внимавам е карактерот кај секој поединец. Се разбира и квалитетот, но во никој случај не можам и не сакам да го исклучам карактерот. Според мене, во фудбалот не е важно да бидеш само добар фудбалер, но е неопходно многу повеќе… Затоа што сите ние оние недостатоци квалитативни кои ги имаме, многу лесно може да ги надополниме со позитивните човечки карактеристики и вредности. Секако не може карактерот да биде важен за техничко-тактичките подготовки, но сето друго, максимална желба за настап, почит кон стручен штаб, почит кон соиграчи, почит кон дрес и држава, почит и кон самиот себе, на крајот на краиштата, се надополнува со карактерот. Затоа и кога одбирам со кого работам, па и соработниците во стручниот штаб, и кога селектирам играчи најпрво сакам да знам со кого ќе работам, и максимално да им верувам“.

strucen stab na mlada reprezentacija

Иако очигледно е дека силно веруваше дека цврсто се чекори на патот кон Полска, беше ли Боби Милевски во некој момент силно скептичен низ квалификациите дека сепак нема да се успее да се стигне на ЕП?

„Да. Бев скептичен пред натпреварот на домашен терен со Северна Ирска. Тоа беше претпоследниот меч во циклусот. Тогаш за првпат се посомневав во сите нас. Дали ќе успееме да го надминеме тој наш македонски менталитет кој со години не спречува, како спортска нација, да го направиме завршниот чекор до успехот. Дали ќе се избориме со притисокот тогаш кога мора да се постигне успех и да се реализира. Пред натпреварот се посомневав, но кога дојде мечот и кога на терен во очите на тие момци им ја видов желбата за успех знаев дека веќе ништо не може да не спречи. Знаев дека прес себе имам победници. Потоа за последниот натпревар со Шкотска веќе воопшто не стравував. Знаев дека ќе го добиеме!“

И, сега во Полска? Што посакуваш од ова Европско првенство?

„Посакувам само да исчекориме уште еднаш пред фудбалска Европа, гордо, исправено, чесно… Сите, од прв до последен! Исто онака како и низ квалификациите. И, ништо повеќе. Другото, потоа, само ќе си дојде!“

Се вчитува...