ОДИМЕ НА ЕП – Давид БАБУНСКИ: Зошто Македонија да не биде европски првак?!

Во желбата што поблиску до вас да ги доближи македонските херои кои со пласманот на ЕП 2017 го донесоа најголемиот успех во историјата на македонскиот фудбал, ЕКИПА преку серијал интервјуа „ОДИМЕ НА ЕП“, со дел од актерите во Полска, од еден малку поинаков агол ќе ви го најави собирот на најдобрите млади фудбалери на Стариот континент.

========================================================================

Тој е кадар на Барселона. Уште од најмали нозе во себе има всадено победнички менталитет. Момчето пред неколку години пристигна во националниот тим, и во своето прво обраќање колн јавноста рече…Мојот сон е со Македонија да играм на Европско првенство. И заедно со своите соиграчи од младата репрезентација до 21 година, успеа во тоа. Македонија ќе игра на Европското првенство во Полска, и ќе биде дел од елитата, заедно со Германија, Италија, Шпанија, Англија, Португалија…Ќе навиваме, ќе ги бодриме, но и го држиме Давид Бабунски за збор, дека со Македонија во иднина ќе игра и на Европско првество за сениори. Полска е само првото скалило на подемот на македонскиот фудбал кон европскиот крем.

А Давид е непоправлив оптимист. И кога ќе го слушнете како размислува, тогаш дефинитивно верувате дека соништата можат да се остварат. Со напорна работа и верба во сопствените можности – се е можно.

David Babunski 2

„Така е. А зошто Македонија да не биде европски првак во Полска?! Верувајте, јас размислувам за тоа, и посакувам еден таков спортски, сега фудбалски, земјотрес да и се случи на нашата земја. И многу сум среќен, ќе кажам и горд, што пред неколку години реков дека Македонија треба да си го промени својот ментален карактер. Да размислуваме за победи, за успеси…и дека таквиот пристап, заедно со напорната работа – навистина ќе донесат големи успеси. Еве сме сега на Европско првенство за селекции до 21 година. И ќе сториме се за да постигнеме многу повеќе и на самите настапи во Полска. Верувам јас дека можеме да играме и финале. Замислете, финале Македонија – Германија?! Зошто да не…треба да веруваш, треба и да ги поттикнеш тие невидливи сили во космосот да се насочат правилно, да ги употребиш за себе…и да успееш!“, вели Давид Бабунски.

Како да не го сакаш ова момче? Мирен, кроток, неверојатно талентиран фудбалски, но и со препознатлива аура околу себе…Тој е прототип, фудбалер со филозофска мисла, каде и да оди, отвора светлина, кога ќе проговори…си мислиш овој може на сите други, да им предава филозофија и животна етика. Секако, потенцира дека е горд што Македонија воопшто е дел од еден ваков голем настан. Историски.

babunski intervju 2„Мора да бидеме горди на себе, на тоа што го направивме. Испишавме историја. Ова е историски настап за нас. Нашата земја Македонија за првпат ќе биде учесник на едно фудбалско Европско првенство. И тоа воопшто не е мала работа, само погледнете ги другите држави…Германија, Англија, Шпанија, Италија…Светски фудбалски велесили…А со нив, меѓу 12-те сега е и Македонија. Да се наежиш од самата помисла. Среќен сум што сега говориме за убави нешта, ни се случуваат убави нешта. Ете, пред еден месец, Вардар стана европски првак во ракомет. Зошто и Македонија да не стане европски првак во фудбал?! Ќе биде ѓаволски тешко, не се залажуваме, но најважно е да веруваме“, уште еднаш потенцира Давид Бабунски, момчето за кое нема тајни во фудбалската игра.

Вели дека неговото прва играчка била токму фудбалската топка. И среќен е што се занимава професионално со фудбалот. Ја имаше најдобрата можна школа, учеше во Барселона.

babunski intervju 3„Родителите ми велат, ти се роди со топка во нозете. И навистина, откако знам за себе, јас сум со топката како мој најдобар другар. Уште од најмала возраст, бев на улица, со топката, и не можеа да ме приберат дома. И се роди неверојатна љубов, јас и денеска сум најсреќен кога играм фудбал, тоа ме исполнува. Има и тешки и радосни мигови, но сето тоа е дел од фудбалот и од спортот. Неверојатно сум среќен што со Македонија остваривме еден историски пласман, и што на целиот народ му приредивме радосни мигови. Кога ќе се сетам само на последниот натпревар од квалификациите против Шкотска, и моментите кога го остваривме пласманот на Европското првенство. И верувајте нема да застанеме тука. Оваа генерација може многу повеќе“, порачува Давид Бабунски.

Кој е главниот адут на Македонија на претстојното Европско првенство во Полска? Треба ли нешто да менуваме, или само да продолжиме со добриот веќе испробан рецепт кој даде резултат…

u21 makedonija reprezentacija fudbal naredeni„Ние сме силен колектив. Пред се, сме една прекрасна дружина, селекција која живее како еден, едвај чекавме повторно да се собереме, кога ќе се видиме, насмевките се секогаш присутни. Тоа е нашиот најсилен адут. Заедништвото, тимскиот дух, вербата во себе. И сега, сме уште поубедени дека можеме да направиме многу на фудбалски план. Секако, селекторот Благоја Милевски е тука клучната фигура. Од првиот ден ни ги покажа вистинскиот пат, има максимална доверба во нас, ние знаеме дека ќе ја смисли најдобрата тактика. Велат, победничкиот рецепт не треба да се менува, но селекторот кажува како треба да играме, а ние се трудиме да ги исполниме во целост неговите замисли. Ривалите се силни, Шпанија, Србија, Португалија… многу квалитетни репрезентации. Но, и ние имаме свој квалитет, бевме првопласирани во групата во квалификациите, и јас верувам дека можеме да бидеме први и во оваа група – на Европското првенство…Да играме полуфинале, потоа и финале“, уште еднаш потенцира Давид Бабунски.

Нема поубав начин за најава на Европското првенство во Полска. Нашата „десетка“ вели дека Македонија може да биде европски првак. Зошто да не?! Едно е јасно, сите ќе ги бодриме, ќе навиваме, ќе очекуваме нов успех…А тие си знаат како треба, покажаа во квалификациите. Нема му ја мислат Шпанците, па потоа и Србите, Португалците…

На Македонија и недостига – јапонска почит

Младо момче, а со богато животно искуство. Роден е во Скопје, но живееше во Шпанија, Белгија, играше во Србија, сега е во Јапонија.

„Секоја земја си има свои убавини. Но, восхитен сум од Јапонците. Откако сум во Јокохама, научив многу нешта, пред се животни поуки. Немате поим колку Јапонците полагаат на почитта кон човекот. Мислам дека на тоа се гради целото нивно општество. Секако, надополнето со нивната неверојатна работна дисциплина и желбата да успеат во секое поле од животот. Ако има нешто што би сакал да биде вградено и во нашата Македонија, тоа е почитта што секој човек, ја добива од останатите“, вели Давид Бабунски.

Се вчитува...